| четврток, 6 декември 2018 |

Лекарите поболни од пациентите: Гинеколог си препишал 182 рецепти за една година

Од анализата на податоците од Националниот систем за електронски евиденции во здравството „МојТермин” се утврди дека кај околу 100 доктори се констатирани нереално голем број препишани рецепти, кои докторите си ги препишале самите на себе, соопшти Управата за електронски евиденции во здравството – МојТермин по реакциите на Здружението на матични лекари за неможноста матичните доктори самите на себе да креираат упати и рецепти (односно да се водат како матичен пациент самите кај себе).

Така, се посочува во соопштението, Управата утврди дека еден гинеколог си препишал самиот на себе 182 рецепти за една година, од кои 45 се антибиотици.

Оттаму истакнуваат дека нереално е и воопшто не соодветствува со протоколите по медицина базирана на докази, пациент да примал антибиотска терапија секој ден во период од една година.

„Ова е очигледен пример дека станува збор за злоупотреба на системот и на овластувањата од некои од докторите со што директно се оштетува и Фондот за здравствено осигурување на Македонија, но и пациентите. Доколку некој нереално си препишува антибиотици или било кои други лекови и ги подигнува на товар на ФЗОМ, а тие лекови реално не му се потребни, тогаш некој кому тие лекови му се потребни ќе остане без неопходната терапија. Неправдата која со ова се прави на пациентите е уште поголема кога ќе се знае дека тоа е направено од некој доктор“, стои во соопштението.

Од Управата посочуваат дека дополнително утврдиле и десетици случаи на матични доктори од целата држава кои си креирале над 110 рецепти самите на себе за една година, или во просек секој од нив на себе си препишал по 136 рецепти во текот на една година.

„За илустрација, доколку се направи споредба за тоа колку рецепти се препишани само на оние граѓани кои во текот на годината биле на лекар (а не на сите осигуреници) ќе се утврди дека просечно се препишуваат 17 рецепти по пациент годишно. Ова значи дека овие доктори си препишале 8 пати повеќе лекови самите на себе отколку просечниот број на рецепти што им го препишале на нивните пациенти“, се наведува во соопштението.

Се нагласува дека кај околу 100 матични доктори, е констатирано дека самите на себе си препишувале во просек по 72 рецепти на годишно ниво.

„Имајќи ги предвид реакциите и дискусиите во јавноста, а со цел сузбивање на оваа појава и превенирање на евентуални злоупотреби, Управата одлучи да спроведе системска мерка со која ќе се оневозможи само на оние доктори кои го злоупотребувале системот, да си креираат упати и рецепти самите на себе како матични пациенти. Управата ги прифати аргументите дека заради неодговорни поединци не треба да бидат казнети сите доктори кои совесно и законски си ја вршат својата дејност. Управата за овој случај ќе ја информира Лекарската комора на Македонија и Етичката комисија при Лекарската комора“, стои во соопштението.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top