Скопје има микроклима, изгор лето – кочан зима… Не случајно култните „Леб и сол“ ги отпеале овие стихови. Пролет и есен како да нема, се сведуваат само на неколку недели. Така е и сега. Почна сезоната на „изгор лето“. Почнаа и познатите „кукања“ – леле што ќе се прави со топлово, многу топло годинава… И секоја наредна година е многу топла, како и секоја претходна. Како ќе се издржи?! Така како што се издржувало во земјава и пред 40 години – без клима-уреди, без вентилатори, а да не зборуваме и за годините без фрижидери. И пак луѓето преживеале.
Климатолошките промени и изненадувањата што знае да ги приреди природата со мошне висока или невообичено ниска температура и во летните месеци не се ништо ново и невообичаено, тврдат метеоролозите од Управата за хидрометеоролошки работи на Македонија.
Притоа, додаваат дека е евидентно дека подрачјето на Република Македонија во летните месеци го зафаќаат периоди со висока температура, што се потврдува преку податоците за апсолутната максимална температура на воздухот од преку 40 Целзиусови степени, кои во некои градови, како што се Скопје, Штип и Гевгелија, можат да потраат и по неколку дена.
Според процените на светските метеоролози, 2015 година би можела да биде најтоплата откако луѓето вршат мерење на температурата. Податоците што ги објави американската Национална администрација за океани и за атмосфера, првите шест месеци оваа година, во просек, биле најтопли во последните 136 години. Со последните мерења, кои ги објави Американската национална администрација, просечната температура за јуни на светско ниво изнесувала 16,33 степени, што е за 0,12 степени повеќе во однос на минатогодишниот рекорд. Јуни оваа година, според просечната температура на планетата, бил најтопол месец уште од 1880 година, од кога се вршат мерењата.
Според податоците на американската институција, температурниот рекорд е поставен и кога се набљудува полугодишниот период јануари – јуни.
Оваа година за периодот јануари – јуни просечната температура на копното и на океаните била за 0,85 Целзиусови степени повисока од едновековниот просек и највисока уште од 1880 година. Досега полугодишен рекорд бил забележан во 2010 година, кога температурата била 0,09 Целзиусови степени повисока од просекот од 1880 година.
Западот прави од мравка – слон
Но, не сите метеоролози се согласуваат со ваквата прогноза. Дипломираниот метеоролог Глигор Митковски вели дека модерниот западен свет за сѐ си најде начин да нѐ предупреди, да ни влее доза страв, да направи од мравка – слон. Тоа, пак, некому му е од корист.
– За работи што му се познати на човештвото од пред векови, сега се направија жолти, портокалови и црвени фази за да се предупреди колку некоја појава е опасна. Во меѓувреме, и ние почнавме да се жалиме и да кукаме на топло, студено, ветровито, дождливо, со еден збор, на секакво време – коментира тој.
Тоа што голем број метеоролози го нагласуваат, меѓу нив и метеорологот Митковски, е промената на условите во кои се наоѓаат мерните точки. Некогаш тие биле поставени во ливади, денеска се наоѓаат близу асфалт, каде што, сосема логично, се покажува многу повисока температура. До неодамна во делови на Африка воопшто немало мерење на температурата. Сега, со поставувањето станици за мерење во овие топли краишта, сосема нормално е дека ќе се прикаже скок на просечната температура во светот. Ова би било трето или четврто лето според топлината. Сѐ е повеќе фама од што реално се случува. Годинава имавме јуни со многу малку топли денови, јули со две пеколни недели, а сега–засега прогнозите се дека температурата ќе падне малку и нема да имаме претопол август.
Човекот е виновен за климатските промени
Човекот е најголемиот виновник за климатските промени. Човекот со елементите на стаклена градина – неконтролираното користење фосилни горива, го има зголемено количество на јаглероден диоксид и на водена пареа – сметаат стручњаците. Енергетиката е прва, затоа и се бара нова обновлива енергија. За тие информации што се пласираат во медиумите, околу влијанието на системите ХАРП, д-р Ристевски вели дека се муабети од лица што во медиумите се појавуваат за медиумски публицитет. Сите процеси што се случуваат поврзани со климата се на височини од 10 до 12 километри. Во тропосферата. Другите сфери што постојат околу земјата на 60 километри височина немаат влијание. ХАРП се користи за тие сфери, за јоносферата.
Ревизија на критериумите за предупредувачки фази
Македонија периодов е во жолта фаза. Се препорачува бремените жени и болните да не излегуваат од дома, да се избегнува работа на отворено во најтоплиот период од денот. Но, дел од метеоролозите велат дека е потребна ревизија на критериумите за предупредувачките фази.
– Температурата што деновиве ја зафати Македонија ниту е највисока измерена, ниту, пак, ќе биде највисока температура во иднина. Медицинарите треба да направат ревизија на критериумите по кои се одредуваат предупредувачките фази, односно жолта, портокалова и црвена фаза, од кои зависат и мерките што се донесуваат за заштита на ризичните групи граѓани. Треба да дефинираат други критериуми за урбаните средини. Еве, на пример, температурата, како деновиве, може да биде 37 или 38 Целзиусови степени, но не е само температурата параметар за чувството на топлина. Важни се и влажноста и ветрот. И, секако, сончевото зрачење. Не е само температурата измерена во сенка, многу параметри влијаат – средината, асфалтот, возилата – смета стручњакот по климатологија и применета метеорологија, д-р Пеце Ристевски, кој смета дека во иднина нѐ очекуваат многу потопли лета.
Тој во една пригода посочува дека во 2007 година, 2012 година, па дури и во 1998 година имало многу повисока температура од температурата што ја имаме оваа година. Дека Македонија знаела да биде под вршник и по неколку дена покажуваат и мерењата низ годините наназад. Во првата декада на август 1994 година едноподруго седум дена била регистрирана висока температура, која кулминирала на 11 август со апсолутно постигната максимална температура во Скопје од 43,2 Целзиусови степени. Во Гевгелија повеќе пати максималната температура била преку 44 степени, а апсолутниот максимум бил достигнат на 5 јули 2000 година со вредност од 44,6 Целзиусови степени.
Нула степени во јуни во Битола
Според информациите од Управата за хидрометеоролошки работи, во Прилеп било најтопло на 7 јули 1988 година, кога се измерени 41,5 степен, а во Битола на 6 јули 1988 година со 41,2 степен.
Највисока максимална температура во Македонија во јули е регистрирана во 2007 година, на 24 јули, во Демир Капија, од 45,7 Целзиусови степени. Тој ден се измерени 45,3 степени во Гевгелија, 43,3 степени во Скопје, 43,5 степени во Штип и 40,2 степени во Крива Паланка.
Исто така, податоците зборуваат и за минимална температура во јуни, која се движи од 0,7 степени во Битола измерени на 8 јуни 1962 година и во Скопје 1,2 на 6 јуни во 1994 година. Во 1997 година во Охрид биле измерени три степени, а во Штип четири степени. Во јули и во август просечните месечни количества врнежи во Скопје, Битола, Штип и во Охрид се движат околу 30 литри на квадратен метар.
Пишува: Билјана Зафирова
(Текст објавен во 152. број на неделникот „Република“, 31.07.2015)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.