| четврток, 6 декември 2018 |

Лесно се одгледува, уште полесно се продава

Руколата е вкусен лиснат зеленчук со пикантен, горчлив и силен ароматичен вкус, богат со многу витамини и минерали

Оваа култура има високи хранливи, диететски и лековити својства. Таа е богат извор на калциум, магнезиум, железо, калиум, фосфор, витамин А, витамин К, витамин С, фолна и пантотенска киселина. Руколата содржи големи количества бетакаротен, лутеин и зеаксантин. Покрај тоа што содржи многубројни хранливи состојки, руколата содржи и различни биолошки активни состојки: фитохемикалии, чиишто антиоксидативни својства имаат позитивен ефект врз здравјето на човекот и го намалуваат ризикот од многу заболувања.
Во исхраната се користи како салата или како компонента во мешовити салати за подобрување на аромата и на вкусот. Особено е позната како салата во медитеранската кујна подготвена со маслиново масло и со моцарела, горчината на листовите се зголемува со нивната старост, па затоа е најдобро да се консумираат млади листови. Кога се подготвува во готвена и попарена состојба, ја губи горчината. Во некои земји се одгледува и поради семето, за добивање масло и сенф.

Записите за ова растение, кое води потекло од Медитеранот, укажуваат на нејзината кулинарска и медицинска употреба уште кај старите Римјани и Грци. Во древниот Рим и Египет се сметало дека семето и листовите на ова растение имале дејство на афродизијак. Тогаш руколата била неизбежна состојка на сирупите против кашлица и против скорбут, а денес е исто толку популарна во домашните кујни, современите ресторани и аптеки во светот.

rukola

До неодамна беше непозната култура кај нас, но во последно време се зголемува нејзината популарност, па често се среќава во менито на модерните ресторани, во супермаркетите и градските пазари на поголемите градови. Нејзиното одгледување и ширење е предизвик, особено во малите градови и рурални средини, каде што сѐ уште е непозната. Инаку руколата може да се одгледува во мали бавчи, на тераса, во пластеник, во саксии; може да се произведува во текот на целата сезона; има скромни барања во однос на условите за одгледување; нема големи барања за топлина; отпорна е на ниска температура и мразеви; добро поднесува суша; успева на секаков вид почва.

Се произведува во текот на целата сезона, поднесува суша и мразеви. Се бере кога добро ќе се формира лисната розета. Обично дава до два килограма принос по квадратен метар, односно приносот по хектар е 20 до 25 тона. Исто така, руколата може да се чува во перфорирани кеси во фрижидер и во добро покриен сад два-три дена, на температура од четири до осум Целзиусови степени, но најдобро е да се приготвува веднаш бидејќи со стоење, дури и на студено место, губи големи количества витамин Ц. Во поголеми количества, руколата се чува во специјални објекти со ладилници на температура од околу нула Целзиусови степени.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top