Ана Јовковска (1982) е новинарка, водителка, продуцентка, активистка и хуманистка, чиешто растење и созревање го гледавме пред ТВ-камерите. Денес Јовковска е авторка на повеќе од 1.000 ТВ-интервјуа и текстови од областа на комуникологијата, креативните индустрии, родовите студии и филмот. Креаторка е на ТВ-проектот „Пулс“, во кој го промислува и го анализира духот на времето и социокултурните феномени и ги артикулира интелектуалните ставови на луѓето што мислат во македонското општество. Пишува поезија и проза. Активизмот е нејзин начин на живот. Им помага на луѓето за да го оправда своето постоење. Неодамна ја издаде својата прва книга „Пулсот и времето“, чиј издавач е „Силсонс“ – читачки клуб на Матица Македонска. „Пулсот и времето“ е монографска збирка од интервјуа со афирмирани писатели, професори, уметници, активисти, актери, политичари и дипломати. Книгата е книжевна архива и креативна селекција на 50-ина интервјуа од околу 500 интервјуа реализирани во ТВ-проектот „Пулс“ на ТВ „Алфа“.
Во интервјуто за „Република“, Јовковска говори за искуствата од промотивната турнеја досега и за карванот на дебати кои се дел од турнејата, но и за битката меѓу книгата и „ајпадот“ и за евентуалниот победник. Во нејзината торба за на плажа, покрај млекото за сончање ги носи книгите „Неподносливата леснотија на постоењето“ од Милан Кундера, „Постколонијална критика“ од Спивак, а има и поезија.
Деновиве во Охрид и во Струга сте на промотивна турнеја на „Пулсот и времето“. Какви впачатоци носите оттаму?
ЈОВКОВСКА: Бранови, сонце, ветер! Бранувавме со книга, огреавме со убави мисли и освеживме со мудри зборови. По Скопје, Велес, Тетово, Штип, Струга и Охрид, се покажува дека луѓето во помалите градови се желни и жедни за разговор и за културни настани, кои не се класични и здодевни, елитистички и скапи или, пак, фолкерски, туку креативни и искрени. Запознав многу нови пријатели на книгата „Пулсот и времето“ и делото ќе живее преку нив.
Велите дека луѓето одат со таблет и со мобилен телефон на плажа, место со книга. Кој победува во битката меѓу книжевната сцена и дигиталната поп-култура?
ЈОВКОВСКА: Битката меѓу книжевната сцена и дигиталната поп-култура е како битката меѓу Давид и Голијат. Не можеме да ги спречиме новите технолошки трендови, но не смееме да ги заборавиме старите, добри вредности. Книгата преживеала земјотреси, пожари, војни, цензури, ќе преживее и „ајфон“ и „ајпад“.
Со која книга Ана Јовковска би заминала на пат околу светот?
ЈОВКОВСКА: Патот околу светот е најголемата ненапишана книга. Би ги оставила еднаш книгите дома и би ги отворила чакрите за нови култури, традиции и доживувања. Нашиот свет е интимниот свет на нашето опкружување, границите на нашата земја, домот, пријателите, работата, образованието… а светот е толку раскошен и безграничен. Секој ритуал на некој народ, или секоја прегратка на некое дете од некое егзотично племе е книга сама по себе. Таму не се фасцинираш од везот на буквите или пак од моќта на зборовите, туку од интензитетот на чувствата.
Летово го поминувате работно, со промоција на книгата и со карванот на дебати. Какви светови откривте на овие дебати? Кои се целите на дебатите и дали тие ни се неопходни и во актуелниот политички момент?
ЈОВКОВСКА: Културата на дебата е секогаш неопходна за здраво и зрело општество, а во овој период на политичка декаденција вакви живи и интерактивни дебати се многу важни за слободната мисла, за критичко промислување на стварноста и за бележење на потенцијалните жаришта на луѓето на терен.
Што ќе читате во меѓувреме, кога ќе имате време да одморате покрај вода или, пак, на планина?
ЈОВКОВСКА: Во торбата за на плажа, покрај млекото за сончање моментно ми се книгите „Неподносливата леснотија на постоењето“ од Милан Кундера, „Постколонијална критика“ од Спивак, а си земав и малку поезија, која кога и да ја прочитам одново, секогаш ми е убаво – „Дениција“ од Петре М. Андреевски.
Жените – писателки или поетеси отсекогаш биле малцинство во Македонија. Дали доаѓа една нова генерација, која може да ја смени таа слика?
ЈОВКОВСКА: Искрено се надевам дека женскиот писателски бран ќе засили. Не очекувам женско творечко цунами, но барем размрдување на книжевната сцена како што тоа го прават Лидија Димковска, Јасна Котевска, Румена Бужаровска, Елена Пренџова и други.
Пишувате и проза и поезија, може ли да очекуваме наскоро да издадете нешто од овие жанрови?
ЈОВКОВСКА: Секако, ракописот стрпливо чека. Не би ви ветувала прецизни датуми затоа што само што почна животот на книгата „Пулсот и времето“, за која на промоцијата на шега реков дека книгата ја породив по речиси десет години творечка бременост (се смее). Делото бараше сериозен истражувачки труд и претендира да биде културна меморија на едно време, како и огледало на секој од нас. Ми требаше многу време да ги напишам овие 500 страници, па во следниве месеци ќе се возам на ентузијастичкиот бран на дистрибуирање на книгата до поширока публика и промотивната турнеја на книгата во различни градови низ Македонија како еден вид креативен отпор на културниот монопол на главниот град или поддршка на децентрализацијата на културата. А следното издание од мене, многу е веројатно да биде токму поетска збирка, што би било разоткривање на еден мој поинтимен свет и една подлабока спрега со внатрешното…
Разговараше: Александра М. Бундалевска
Фото: Роберт Атанасовски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.