| четврток, 6 декември 2018 |

Заев не ја почитува мерката на претпазливост, но нема да бега

суд

Основниот суд Скопје 1 соопшти дека вчера до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција Скопје испратил известување во врска со непочитувањето на определената превентивна мерка против лицето З.З. и неговото нејавување пред надлежниот суд во Струмица.

– Постапувајќи по барање на Кривичниот совет на Одделението за организиран криминал и корупција при овој Суд, од страна на Основен суд Струмица доставено е известување на 30.07.2015 година во кое е наведено дека обвинетиот З.З. на 13.07.2015, 20.07.2015 и 27.07.2015 година не се појавил во просториите на Судот во Струмица, ниту го оправдал неговото недоаѓање. Исто така, Судот во Струмица на барање на ОСС1 му испратил покана на обвинетиот да се јави во Судот на ден 04.08.2015 година, за да даде изјава во врска со барањето на Советот при овој Суд. Обвинетиот ја испочитувал поканата и се појавил во просториите на Судот така што на 05.08.2015 година до Советот е доставено известување од Судот во Струмица, со прилог записник од сослушувањето на обвинетиот Зоран Заев, од 04.08.2015 година, во кој се наведени причините за неговото непочитување на определената мерка на претпазливост – соопшти Основниот суд Скопје 1.

Во прилог на дописот, Судот до Основното јавно обвинителство за организиран криминал и корупција ги доставил известувањето на Основен суд Струмица од 6 јули 2015, дописот на кривичниот совет на Одделението за организиран криминал и корупција до Судот во Струмица од 21 јули 2015, известувањето од Судот во Струмица до овој суд од 30 јули 2015 и од 4 август 2015, со цел целосно запознавање на Јавното обвинителство во врска со овој предмет.

Основниот суд Скопје 1 во известувањето пренесува дел од записникот на Судот во Струмица поради, како што неведува, прецизно информирање на јавноста и поради зголемениот медиумски интерес во врска со овој предмет:

-Точно е дека имав задолжение да се јавувам секој понеделник во овој суд по решение IVКОК-ПП 52/15-4 од 21.01.2015 година по тоа решение уредно се јавував во Основен суд Струмица се до 06.07.2015 година која јавно ја известив јавноста преку прес-конференција за понатамошно непочитување на мерката задолжително јавување секој понеделник во Судот од причини коишто и тогаш јавно ги посочив и сега ги потврдувам, а се однесуваат на политичкото одлучување во судската постапка „Пуч“ – насилство врз претставници на високи државни органи. Инаку и понатаму останувам на таа изјава за непочитување на мерката на претпазливост, меѓутоа напоменувам на органите на прогонот во секој момент сум достапен, не мислам да се дадам во бегство и натаму останувам во Македонија и тоа на подрачјето на Општина Струмица и Општина Скопје. Во Струмица сум на адреса ул,,……..“, а во Скопје во седиштето на СДСМ. Тоа е се што имам да кажам- стои во записникот што го објавува Основниот суд Скопје 1.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top