| четврток, 6 декември 2018 |

Стимулациите за многудетно семејство се покажаа делотворни, демографијата останува во врвот на владините предизвици

Намалениот наталитет е огромен проблем во Македонија. Македонската влада вложува силни напори да ја зголеми свеста кај населението и со низа проекти им помага на многудетните семејства.

bebinja

На оваа тема говореше и премиерот Никола Груевски викендов во своето обраќање на ден Илинден.

-Демографијата останува во врвот на нашите предизвици како држава. Иако, со солидни ефекти од превземените мерки во последните 7-8 години, кои што изненадија многумина скептици кои не веруваа дека било какви мерки на владата воопшто ќе вродат со некаков резултат, се уште, ниската фертална база која не очекува во наредната деценија, е голем предизвик, заклучи тој.

Како што додаде премиерот, овој европски предизвик, кај мала нација има позастрашувачки ефекти, отколку кај големите нации.

Експертската јавност предупредува дека загрижува воспоставувањето пракса на се подоцнежно стапување во брак на младите, што се одразува и на бројот на деца во семејствата. Со овие поразителни резултати се води тешка битка. Во 1950-тата година со 1,2 милиони жители Македонија имала 50.000 родени бебиња за една година. Споредбено со овие цифри, фактот дека денес во Македонија со 2 милиони жители се раѓаат по 23.000 бебиња, се соочуваме со реалноста која е сурова, пишува Курир.

Македонија е соочена со долготрајна демографска рецесија, односно бројот на родени бебиња драстично се намалува последователни неколку децении.

Според познавачите на демографската состојба, чекорите кои Македонската Влада ги превзема се одлични, но треба уште напори. Затоа го поздравуваат говорот на македонскиот премиер во кој на големиот празник Илинден говореше за оваа значајна тема.

После повеќе децении опаѓање на бројот на ученици во основно училиште, оваа година во сите основни училишта на ниво на Македонија ќе има најмалку 1.114 повеќе запишани деца, што според познавачите е голем успех и е за поздравување. Тоа се деца родени во 2009-та и 2010-та година. Овој скок на бројот на учениците во 2015-та се должи на порастот на наталитетот  во 2009-та и 2010-та година. Колку Владата реално се залага за овој проблем сведочи фактот дека поддршката за многудетни семејства беше изгласана во август 2008-ма година.

Празни училници и помали паралелки. Оваа слика пред себе никој не сака да ја види, но нас, во Македонија за жал ни се случува. Според експертите, овогодинешниот раст на повеќе запишани основци е добар, но никако не треба да биде сфатен како дефинитивен демографски пресврт. Поради долгите децении на демографска рецесија и опаѓање на наталитетот Македонија е соочена со затворање на училишта, редуцирани паралелки и долгогодишен пад на бројот на ученици.

Поразителни бројки воочени за само 15 години разлика

На пример во 2000 година имаше 250 000 ученици во основно училиште, а денес има 190 000. Тоа е пад за цели 60 000 ученици, односно, рецесија од цели 24% од вкупниот број на ученици. Тоа се загубени околу 3000 паралелки со деца, 3000 училници помалку што е навистина сериозен проблем. Поради овие информации е за голем поздрав што демографијата и наталитетот се меѓу приоритетните прашања за македонскиот премиер и македонската Влада, дополнуваат експертите за Курир.

Она на што експертите сакаат да обрнат посебно внимание е фактот дека економската состојба воопшто не е причина за намалување на наталитетот, туку вредностите кои идните родители ги носат во себе. За пример посочуваат дека во високо развиените земји процентот на наталитет е многу низок, но дека ниту една друга Влада не превзема толку напори во оваа насока, како македонската.

treto_dete_1_thumb_medium500_280

Стимулациите за многудетно семејство ја менуваат демографската слика

Расте бројот на многудетни семејства. Финансиската подршка за трето дете – стимулација за брачните парови. Децата се богатсво, носат спокојство – вели брачниот пар Пауновски од Челопек, родители на три деца.

Љубовта ја почнале во 2001-та кога воениот  конфликт  тлееше, за кратко ја крунисале со брак. Велат- преживеаните нешта не ги обесхрабриле, ги зближиле духовно. Четири години подоцна Славица и Здравко го добиваат најголемот богатство. Кристијан – нивната прва радост сега е  прваче. Вели среќен е што детските игри ги дели со Бојан – неговото братче. Кога дознавме  дека ќе имаме трето, почувствувавме благослов, вели неговата мајка. На свет дошол Петар.

-Децата се богатство. Во Челопек имаме три машки деца- бисери и сум бескрајно горд, вели кумот на Здравко и Славица. Додатокот за трето дете им е од голема помош – признава таткото Здравко.

Стимулациите за многудетно семејството успеаа да ја сменат демографската слика во земјава, а мерките се покажаа делотворни.

Србија по примерот на Македонија ќе го стимулира многудетното семејство

 Идниот српски граѓански закон ќе ја обврзе државата да поттикнува раѓање со месечна исплата за трето дете. Мајките ова право ќе го имаат до полнолетство на третото дете, а дали месечната сума ќе биде симболична или ќе биде некој вид плата за мајките, ќе решава Владата на Србија, која треба да основа демографски фонд.

Граѓанскиот закон пропишува таа сума да биде во согласност со можностите на буџетот на Република Србија, пишува „Политика“.

Право на месечен надомест ќе имаат и жените што веќе имаат три деца, но ако третото дете не е полнолетно.

Право на паричен надомест ќе имаат сите што имаат трето дете, без оглед на тоа дали децата се од еден или повеќе бракови, дали се родени во брак или вонбрачно, а се разгледува можноста ова право да биде признато и на самохраните татковци со три деца. Ова право ќе го имаат и мајките што се вработени, но и тие што не се во работен однос.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top