| четврток, 6 декември 2018 |

Дизајнерите во Македонија, наскоро и правно заштитени

Организаторите на работилницата за изработка на правни договори во дизајн секторот, која деновиве се одржува во просториите на Јавна Соба, најавуваат три многу значајни правни договори кои ќе бидат ставени на бесплатно користење за сите дизајнери од 7 април, годинава.

Со развојот на дизајн сцената во Македонија, се појави и потреба да се изработат договори кои пред сè ќе ги штитат дизајнерите во релација со компании – корисници на дизајн, доверители и продажни места кои продаваат производи на консигнација. Ваков тип на правна заштита ќе им овозможи на дизајнерите да се фокусираат повеќе на својот интелектуален труд, отколку да бидат развлечени нивното време и креативност во расплети и решавања на несакани ситуации. Со користење на овие договори дизајнерите во Македонија ќе ја подобрат својата позиција во деловните односи, односно ќе знаат дека ќе можат да го наплатат својот дизајн и време.

Она што од 7 април ќе биде дистрибуирано од страна на организаторот – Јавна Соба, до целата дизајн сцена, факултети и организации се следните договори: договор за авторско дело, договор за консигнација, договор за switch (префрлување) – набавка. Договорите ќе бидат поставени на веб страната на Јавна Соба www.publicroom.org.

Работилницата за изработка на правни договори е само еден сегмент од проектот “ШАБЛОНИ” и се реализира под менторство на адвокатот Марин Гавриловски. Целиот проект е во партнерство со Амбасадата на Кралството Холандија како и Министерството за Култура на Македонија.

Со завршувањето на првата работилница за правни договори, проектот “ШАБЛОНИ” продолжува со уштет две работилници: Работилница за графички дизајн која ќе започне на 15 април и ќе трае до 22 април и Работилница за изработка на современ мебел која ќе започне на 1 јули, а ќе трае до 10 јули.

Резултатите до сите три работилници ќе бидат промовирани пред македонската публика  во период 1 – 6 октомври на Неделата на дизајн во Скопје.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top