| четврток, 6 декември 2018 |

Меѓународна ликовна колонија „Ристо Соколов Сокол 2015“

Во Кавадарци ќе биде отворено осмото издание на Меѓународната ликовна колонија, која од оваа година ќе биде насловена по еден од најдобрите кавадаречки и македонски ликовни уметници Ристо Соколов Сокол.

likovna_kolonija-sokol_1

Ликовната колонија првпат се одржа во 2006 година, по иницијатива на ликовниот уметник Ристо Соколов Сокол, а во соработка со сопствениците на хотелот, семејството Петровски. Организацијата ја превзема Ристо Соколов, кој успешно ја координира колонијата заедно со своите соработници, па така второто и третото издание на колонијата се одржуваат во прекрасниот амбиент на познатиот Моклишки манастир “Свети Никола“ во близина на кавадаречкото село Ваташа. Во 2009 година колонијата започнува да функционира во реновираниот хотел, со сите потребни услови за работа на уметниците. Во 2011 и 2012, колонијата прави пауза поради објективни причини (завршување на комплетното реновирање на хотелот) за да од 2013 продолжи соработката со уметниците од целиот Балкан. Последните две изданија се исто во ликовна координација на Ристо Соколов.

За време на досегашното одржување на колонијата, учесници се познати уметници од целиот Балкан, но и од повеќе европски земји. Над 110 ликовни уметници досега твореа на оваа меѓународна ликовна колонија, оставајќи зад себе над 250 ликовни дела кои се трајно поставени низ сите адекватни простории на хотелот.

Човечката и креативната празнина настаната со прераното заминување на Ристо Соколов Сокол секако дека нема да може да се надополни со ништо, па затоа неговите колеги и соработници се нафатија на организација на новото издание на колонијата која во целост ќе биде посветена на големиот уметник – Ристо Соколов Сокол и која во однина ќе го носи неговото име.

На годинашното издание на Меѓународната ликовна колонија “Ристо Соколов Сокол“, ликовната координација ја имаат познатите ликовни уметници Кирил Казанџиски и Новица Трајковски, а на колонијата освен етаблирани ликовни автори, ќе учествуваат и млади ликовни уметници, повеќето долгогодишни и ученици и соработници на Ристо Соколов.

На Меѓународната ликовна колонија “Ристо Соколов Сокол 2015“, која ќе биде отворена во понеделник, на 3 август, во Хотел “Фени“, меѓу другите, учествуваат и Васка Дудин, Станко Георгиев, Новица Трајковски, Кирил Казанџиски, Трајче Јованов, Светислав Славковиќ Кајзер, Горан Боев, Томе Мишев, Живка Коцева Караџовска, Тања Медарова, Маријана Везарова, Катерина Трајковска, Ива Јосифова, Ристо Тентов, Никола Ивановски, Ицес Стоне и др.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top