На платото пред Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија, во рамки на „Скопско лето“, вчеравечер, 20 јули, беше отворена изложба на фотографии од авторите Кери Харт од Израел и Љупчо Благоевски од Македонија.
Постановката се организира во соработка со Амбасадата на Израел и Министерството за надворешни работи на Република Македонија по повод одбележување 20 години од дипломатските односи меѓу двете земји.
– Државата Израел е наш голем пријател и поддржувач, земја со која во изминатите 20 години градевме релации кои континуирано се унапредуваа на сите политички нивоа и во сите општествени сфери. На полето на културата во последните две децении беа реализирани бројни настани и проекти кои овозможија запознавање на нашите две култури и промоција на врвните културни вредности кои ги поседуваме како држави – рече министерката за култура Елизабета Канческа – Милевска во обраќањето на отворањето на изложбата.
Посочи дека е убедена дека сите програмски содржини што се реализирале и кои ќе се случуваат до крајот на годината уште еднаш ќе го потврдат континуитетот на искреното пријателство и довербата кои се негуваат меѓу двете земји и ќе бидат значаен придонес во интензивирањето и продлабочувањето на врските помеѓу македонскиот и израелскиот народ.
Изложбата насловена како „Пријателски објективи“ на професионалните фотографи Љупчо Благоевски и Кери Харт, истакна министерката, претставува еден убав панорамски преглед на специфичноста на културите на нашите две држави видени преку очите на посетителот.
– Преку објективите на двајцата исклучително талентирани мајстори на фотографијата, регистрирани се најубавите културни и туристички предели на Република Македонија и државата Израел, претставена е традицијата на двете држави која е симбиоза на многу аспекти преку кои се презентира посебноста и убавината на нашата различност, но и сличност како култури. Преку фотографиите кои се содржани во оваа изложба се претставени Охрид и Ерусалим, градовите кои имаат суштинската паралела и цивилизациска поврзаност како центри на религиската духовност – рече Канческа Милевска.
Според неа, изложбата на овие фотографии е навистина едно впечатливо патување низ вековната историја и сегашност на Македонија и Израел. Неодамна, појасни Канческа Милевска, македонската културна јавност имаше можност да го проследи извонредниот настап на националниот танцов театар од Тел Авив со претставата „Ојсер“.
– Навистина радува фактот што по оваа исклучителна претстава и изложбата вечерва, во наредните денови македонската публика во рамките на реномираните фестивали со децениска традиција „Охридско лето“, „Скопско лето“ и „Битфест“, ќе има можност да проследи и други ексклузивни настани, гостување на двете најголеми национални театарски куќи од Израел, театрите „Хабима“ и „Камери“ од Тел Авив кои ќе ја изведат претставата „Нашиот клас“ која го обработува Холокаустот како трајна врска меѓу македонскиот и израелскиот народ – рече Канческа – Милевска.
Таа истакна дека до крајот на годината следуваат и уште две исклучително значајни претставувања на македонските културни вредности во Израел кои се дел од оваа комплексна програма. Кон крајот на септември, потенцира министерката, Народниот театар од Битола со претставата „Среќен крај“, ќе учествува на реномираниот фестивал за алтернативен театар „Акко“, а големиот јубилеј меѓу двете земји ќе биде одбележан и со концерт на еден од најистакнатите македонски камерни ансамбли, Скопскиот дувачки квинтет.
– Република Македонија и во иднина останува силно посветена на негувањето и унапредувањето на традиционалното пријателство со народот на државата Израел, остануваме посветени на грижата и промоцијата на нашите вредности кои се дел од светското културно наследство – додаде министерката Канческа – Милевска.
На отворањето на изложбата присуствуваа амбасадорот на Државата Израел во Република Македонија, Дан Ориан, градоначалникот на град Скопје, Коце Трајановски, заменик-министерот за надворешни работи Драгана Кипријановска и директорот на Дирекцијата за култура и уметност, Мирко Стефановски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.