| четврток, 6 декември 2018 |

Кери: Ќе бидеме добар сосед на Куба

Американскиот државен секретар Џон Кери денеска изјавил дека САД сакаат да бидат „добар сосед“ на Куба, предупредувајќи сепак дека патот кон целосни добри односи и натаму е „долг и сложен“.

john-kerry-and-bruno-rodriguez

Кери на прес-конференција со кубанскиот колега Бруно Родригез, одржана неколку часа откако дипломатските односи меѓу САД и Куба повторно се воспоставени по прекинот долг пет децении, рече дека Вашингтон „го поздравува новиот почеток во односите со кубанскиот народ и со владата“.

Според Кери, „овој значаен чекор сепак не значи и крај на многу разлики кои и натаму ги раздвојуваат двете влади“.

-Напредокот, меѓутоа, ја одразува стварноста дека „студената војна“ е одамна завршена и оти на интересите на двете земји подобро им служи соработка од отуѓување, истакнал Кери на прес-конференција во Стејт департментот.

Разликите меѓу владите на Куба и на САД се покажаа и на тој настан, кога Родригез изјавил дека историското обновување на американско-кубанските односи ќе има смисла само ако САД го укинат сеопфатното трговско ембарго и ја вратат на Куба американската поморска база во Гвантанамо на истокот на Куба.

Кери одговори дека администрацијата на Барак Обама сака да го укине економското ембарго воведено на Куба во 1962 и изрази надеж дека до тоа брзо ќе дојде.

Кери, кој се сретна со Родригез претходно во новата амбасада на Куба во Вашингтон, над која е подигнато кубанското знаме по првпат по 54 години, рече дека „во моментот не планираме да го менуваме постоечкиот договор за користење“ на заливот Гвантанамо, каде се наоѓа американскиот воен затвор.

Куба и САД официјално ги обновија дипломатските односи по повеќе од пет децении, кога веднаш по полноќ, меѓу неделата и понеделникот, стапи во сила договорот со кој дипломатските мисии прераснуваат во целосни амбасади.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top