Театарската претстава „Ах, љубов моја“, која ја напиша и ја режираше Коле Ангеловски во Театар Комедија, ќе добие филмска верзија. Тој е еден од трите долгометражни играни филмови што финансиски ќе ги поддржи Агенцијата за филм на Македонија.
Агенцијата за филм денеска ги соопшти резултатите од првиот рок за пријавување на конкурсот за финансирање проекти во оваа година, според кои поддршка за снимање ќе добијат 22 филма со вкупен буџет од 88.770.000 денари.
– Најголем дел од поддржаните проекти се на млади режисери од новите генерации кои завршуваат или штотуку завршуваат факултети за филм – изјави директорот на Агенцијата Дарко Башески на пресконференција.
Освен „Ах љубов моја“, Агенцијата ќе ги поддржи долгометражниот „Здивот на ангелот“ на Јани Бојаџи и „Жртва“ на Марија Џиџиева. Поддршка ќе добијат уште три долгометражни играни филмови во кои Македонија е малцински копродуцент со други држави „Пијавици“ на режисерот Драган Маринковиќ од Србија, „Хармс“ на Иван Болотников од Русија (двата поддржани со по 7 милиони денари) и „Жаба“ на босанскиот режисер Елмир Јукиќ, кој е поддржан со 5,4 милиони денари. Со 1,2 милиони денари ќе биде финансиран долгометражниот документарен филм „Каубој македонски“ на италијанскиот режисер Фабио Фереро, кој се однесува на Македонците фармери кои живеат во Италија.
Кратки играни филмови се избрани десет поддршка од по два милиона денари ќе добијат: „Cut here“ во режија на Кристијан Ристески, „Еден збор“ на Арсим Фазлија и „Шеќерни луѓе“ на Сузана Диневски; по 1 милион денари за снимање ќе добијат: „Старо железо“ во режија на Златко Калеников, „Денови како домино“ на Лавинија Софрониевска, „Ќе дојдат децата“ на Ана Јакимска, „Кога те нема“ на Стефан Палитов, „Елена“ во режија на Дина Дума и „Разговор за животот“ на Агим Абдула, како и „Бет“ на Ујкан Хусај, кој е поддржан со 580.000 денари.
Краткометражни документарни се поддржани три: „Бегалец“ во режија на Душан Дракалски (1 милион денари); „Песна за Бекташот“ на Гоце Цветановски (1,4 милиони денари) и „Сонот на дервишот“ на Горан Костадинов (890.000 денари) и два кратки анимирани: „Кружно патување на монахот“ во режија на Жарко Иванов (1.760.000 денари) и „Илузија“ на Јелена Бешир (240.000 денари).
Согласно новата законска регулатива, односно Законот за филмска дејност, Конкурсот за финансирање проекти за производство е отворен во текот на целата година, а одлучувањето по доставените филмски проекти е двапати годишно.
Вториот рок за аплицирање е до 1 септември 2015 и резултатите ќе бидат објавени до крајот на годинава. Максимален износ за долгометражен игран филм кој може да се добие на конкурсот е 60 милиони денари, односно 25 милиони денари за дебитантски филм.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Младите синеасти во фокусот на Европската програма Less is more (LIM)
-
На фестивалот во Олденбург, Агенцијата за филм ќе ја претстави Македонија како атрактивна дестинација за снимање
-
Агенцијата за филм потпиша меморандум за соработка со Друштвото на филмски работници
-
Агенцијата за филм во Кан потпиша неколку договори за регионална и европска соработка