Агенцијата за иселеништво на Република Македонија деновиве ја објави најновата поетска книга на Ивица Челиковиќ, насловена „Во друга светлина“.
– Книгата содржи четириесетина песни, поделени во шест циклуси. Една од основните идеи кои Челиковиќ ги бара и следи во своите поетски книги ја наоѓа својата смисла со навраќање кон неколку централни прашања: може ли да се сочува и како се наоѓа идентитетот во незапирливата бескрајна временска рамка, во вечното преобразување кое е само еден миг во сеопфатното опстојување? Во исто време не постои некаков дефинитивен и општоприфатлив одговор на прашањето: каде одам јас со сопствениот недовршен идентитет − прашање проткаено низ еден поетски свет кој е конвулзивен, исполнет со сомнеж, болка и немир, соопшти издавачот на книгата.
„Во друга светлина“ е седма поетска книга од овој автор кој живее и работи во Гетеборг, Шведска. Член е на Друштвото на писателите на Македонија од 1990 година. Од 2003 година е член на Сојузот на шведските писатели.
Челиковиќ (Скопје (1962) завршил студии по новинарство во родниот град. Студирал и на Институтот за медиуми и масовни комуникации во Гетеборг. Автор е на стихозбирките: „Школки во рацете“ (1990), „Долги граници со небото“ (1992), „Метаморфози на патот“ (2002), „Возови во пајакова мрежа“ (2006), „Праг и огледало“ (2008), „Во ѕидот знак“ (2010), „Сенки на северот“ (поетски избор, 2013) и „Во друга светлина“(2015).
Негови стихови се преведувани на неколку јазици, а во август 2014 година од печат излезе неговиот поетски избор „Сенки на северот“ во превод на шведски јазик. Автор е на романите „Зад источната линија“ (2004) и „Седмиот ден“ (2014). Добитник е на повеќе награди и признанија, меѓу кои „Млада Струга“, „Златно перо“, „Иселеничка грамота“ и „Стојан Христов“.
Преведува шведска и норвешка литература на македонски јазик. Превел триесетина дела од познати шведски писатели, меѓу кои од Аугуст Стриндберг, Селма Лагерлеф, Хари Мартинсон, Торгни Линдгрен, Гунар Екелоф, Биргита Тротциг, Артур Лундквист, Астрид Линдгрен, Ласе Содерберг, Катарина Фростенсон и Микаел Ниеми. Преведува и македонската литература на шведски. Составувач е на антологијата „Македонска поезија“ што во негов превод на шведски е објавена во 2005 година.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Промоција на книгата „Конзерваторско-реставраторски методи и третмани на Охридската збирка икони“од Ангелина Поповска
-
Промоција на книга раскази за Ново маало од Владимир Плавевски
-
Промоција на книгата „Љубовта на Генерал Ш“ од Лира Бојку во Паркот на книгите
-
Промоција на збирката раскази „Динга стоп: скопски приказни од Ново маало“ од Владимир Плавевски