Денес во галеријата на Културно-информативниот Центар во Софија, ќе биде отворена изложбата “Пресек на скулптурата над 3 на 42°N 42’ /SKP-SOF/ 1 кат минус 110 цм” од авторот Славчо Спировски.
Изложбата ќе ја отвори директорот на Центарот Васко Шутаров а истата е дел од годишната програма поддржана од Министерството за култура на Р. Македонија.
За проектот на уметникот Славчо Спировски, кустосот Горанчо Георгиевски ќе запише дека творечките потенцијали на Славчо Спировски се изразени преку сетилната сензација и интелектуалниот ангажман обликувани преку скулптурата во сите нејзини варијации и концептуалната практика на инсталацијата. Барајќи го визуелниот знак на епохата се впушта во потрага по нејзините доминантни визуелни и духовни белези, трансформирани во ликовни и визуелни облици во неговите дела со лични реминисценции и емфази. Во неговите опсесии во ликовните творби инкорпорирани се елементи од стварноста (скулптура, постамент, просторност) преобразени во симболички знаци кои прикажуваат фрагменти од сеќавањето, интимноста, личниот простор, запрен миг на времето, еден вид на математички осмислен но и емотивен просторен облик како спој на науката, философијата и духовноста”. (Горанчо Георгиевски, од каталогот за изложбата)
Славчо Спировски е роден е на 01.02.1975 година во Скопје. Дипломира 2006 година на Факултетот за ликовни уметности во Скопје на педагошкиот оддел, отсек скулптура во класата на професор Станко Павлески.
Има реализирано бројни самостојни изложби (Њујорк 2014 г., Берлин 2012 г.) како и бројни групни претставувања (Добрич 2001 г., Белград 2001 г., Сплит 2009 г., Бејрут – 6 Интернационални франкофонски игри, 2009 г.).
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


