Турбулентните случувања кај јужниот сосед во текот на изминатата недела го разбудија интересот на политичката и економската јавност ширум светот, а следењето на кампањата и резултатите од неделниот референдум во Грција веројатно беше најексплоатираниот настан во светските медиуми. Тоа и не е некое посебно изненадување, доколку сериозно се анализираат евентуалните последици кои би можеле да ги претрпат земјите членки на еврозоната и самата Грција, во случај на остварување на сценариото за нивно излегување од истата (кое од правна гледна точка е скоро невозможно, односно исклучително комплицирано). Тоа можеби најпрактично неодамна го објасни и Гувернерот на германската централна банка Бундесбанк, Јенс Вајдман кој во својата изјава за германскиот весник „Ханделсблат” силно ја предупредил Владата на СР Германија дека евентуалното излегување на Грција од еврозоната може да предизвика сериозни монетарно финансиски штети за нивната држава. Според него, Бундесбанката во своите резерви за непредвидливи трошоци при кризи во еврозоната има на располагање 14,4 милијарди евра, додавајќи дека истите нема да бидат доволни при евентуалното излегувањето на Грција од Еврозоната.
Грчкиот премиер Ципрас со успехот на референдумот сериозно ја зацврсти својата позиција на внатрешно политичката сцена, следеа оставки на министерот за финансии, Јанис Варуфакис и на лидерот на главната опозициона партија Нова Демократија, Андонис Самарас. Истовремено лидерите на ЕУ беа принудени да свикаат вонреден Самит, а раководството на Европската Централна Банка вонреден состанок (двата состаноци беа единствено посветени на разрешувањето на кризната ситуација во односите со Грција). Според видни економски аналитичари, резултатите од референдумот ја авторизираа грчката Влада во правец на враќање на преговарачката маса со ЕУ и меѓународните финансиски институции, со цел повторно и на нови основи да се отворат разговорите околу спроведувањето на потребните внатрешни реформи, ликвидноста на грчките банки, можна реконструкција и евентуално отпишување на нивниот финансиски долг.
Пораката од последниот Самит на лидерите на ЕУ е во насока на очекување дека грчката Влада до крајот на оваа недела ќе поднесе нови детални и квалитетни предлози до европските институции, врз основа на кои би можеле да ја одобрат третата повеќегодишна програма за финансиски спас. Новите предлози за реформи секако ќе биде потребно да бидат во согласност со воспоставените правила и принципи на чија основа функционира ЕУ и еврозоната. Членките на ЕУ несомнено ќе мора да бидат исклучително внимателни при модификацијата на нивните одлуки, бидејќи прифаќањето на новите грчки барања може да значи понатамошна опасна верижна реакција и лош пример за другите земји кои имаат слични финансиски потешкотии. Истовремено земјите членки на еврозоната се свесни и за тешкотиите и опасностите кои ги демнат во случај на можното излегување на Грција од еврозоната, бидејќи со таквиот развој на настаните и тие би морале да преземат поголем дел од доспеаните грчките обврски кон меѓународните доверители. Европската централна банка во меѓувреме соопшти дека ќе продолжи во досегашниот обем со итно финансирање на трговските банки на Грција во рамки на Програмата за итна ликвидна помош.
Во правец на барање на соодветен излез од кризата заеднички и издвоени забележителни порака упатија Претседателите на САД и на Франција, како и сојузниот канцелар на Германија, кои во принцип се согласиле дека е неопходно на Грција да и се овозможи враќање кон политиката на реформи, воспоставување на економски раст и кон определување на прифатливо ниво на задолженост во рамките на еврозоната. Францускиот претседател го повикал премиерот Ципрас да ја потврди определбата за останување во еврозоната со целина од издржани предлози и истовремено нагласил дека е ургентно за Грција и Европа да се искористи отворената врата за дискусии, бидејќи исто така станува збор за кредибилитетот и достоинството за цела Европа.
Не треба да се игнорира влијанието на кризата на политичките односи и во нашиот регион во која смисла се појавија и неколку предупредувачки изјави, меѓу кои и онаа на министерот за надворешни работи на Кралствопто Белгија, Дидие Рејндерс, кој предупреди дека кризата во Република Грција би можела да предизвика негативни последици на целиот Балкан, вклучувајќи и можна дестабилизација на истиот.
Што се однесува до Република Македонија, неопходно е да констатираме дека зависно од понатамошниот развој на настаните во соодветен обем ќе бидат манифестирани и евентуалните последици. Секако најдоброто решение е постигнувањето на соодветен договор со што ќе бидат избегнати можностите за грчко излегување од еврозоната, евентуален банкрот на нивните банки, намалување на нивните инвестиции и увозно-извозни активности, проблемите во снабдувањето и потрошувачката, како и понатамошно влошување на целокупната економска состојба во Грција. Спротивното сценарио повеќе од сигурно е дека може да има негативно финансиско и економско влијание и врз Република Македонија, посебно имајќи го во предвид фактот на забележителното учество на грчки капитал во банките и друштвата кои вршат други дејности во нашата земја.
Останува да се надеваме дека наведените непредвидени случувања кај соседите нема да имаат негативно влијание врз развојот на политичките релации меѓу двете држави, особено во период кога после подолго време беше остварена работна билатерална посета од страна на министерот за надворешни работи на Грција на РМ и кога е постигната согласност за имплементација на повеќе мерки во прилог на градење зголемена взаемна доверба. Секако дека би сакале да видиме еден следен позитивен чекор на Хеленската Република во насока на почитување на меѓународното право, овозможување на почеток на претпристапните преговорите со ЕУ и членството во НАТО. Во контекст на можностите за деблокирање на нашите евроатлантските аспирации дополнителна охрабрувачка вест е и заминувањето од политичката сцена на поранешниот премиер Андонис Самарас, кој беше еден од оригинерните творци на непринципиелниот концепт за спротиставување на употребата на нашето уставно име, а кој проект во изминатите две и половина децении ни нанесе огромни политички и економски штети.
Примерот од Грција е добра лекција за нас и од истата би требало да извлечеме соодветни заклучоци. Во периодот кој следи потребно е да посветиме зголемено внимание кон постигнувањето на внатрешно политичко единство, како и побрзо и квалитетно изнаоѓање на соодветно компромисно решение за излез од политичката криза во која актуелно се наоѓа земјата, без притоа да се дозволи било какво нарушување на нормалните економски активности на македонското стопанство. Токму сензибилноста на моментот им налага на политичарите веднаш, посветено, одговорно и достоинствено да пристапат кон решавање на важните идендитетски, политички и економски прашања и да продолжат со својата поддршка на сите неопходни реформи во општеството, при тоа не запоставувајќи ја јасно изразената изборна волја на граѓаните.
Во контекст на почитување на декларираните европски демократски вредности, токму сега и сите заедно, треба да ги засилиме активностите во правец на развој на нашето стопанство, зголемувањето на странските инвестии, привлекувањето на странските туристи, намалување на невработеноста и сиромаштијата, подобрување на квалитетот на образованието и здравството, и заштитата и промоцијата на националните и културни вредности, што истовремено ќе доведе до реално остварување на стратешките надворешно политички цели и засилен целокупен развој и перспектива на Република Македонија и сите нејзини граѓани.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.