Сè уште не е мал бројот на оние кои живееја во СФРЈ и во нејзиниот санаториум за идеолошка, да не кажам, комунистичка лабораторија за масовна индоктринација.
Не дека тоа денес премногу го засега современото македонско општество, времето минато не се враќа назад, а последиците од таа измината реалност се сè побледи и подискретни и, полека, но сигурно, заминуваат во историската теорија.
Но некои бизарни случки се повторуваат, а во своите репетиции стануваат сè пофарсични и сè покомични.
Можеби ваквите интеракции помеѓу минатото и сегашноста посочуваат на некој друг аспект на постоењето, нешто, што е поапстрактно од времето, некоја реалност која е вонвременска и вечна.
Но човекот нема толку изострени когнитивни капацитети за да може да си ја претстави вечноста, без оглед на логиката од која и боговите се плашеле, ниту пак со математиката која создава претстави, непоимливи за човековата свест, но е потполно немоќна да го поими и процесира бескрајот.
Но уметноста има вакви капацитети. Тие се навистина минорни до занемарливост, но сепак, оваа најчудна и најапсурдна човекова дејност може да го долови вкусот на вечноста.
Сепак, мистеријата останува и таа нè возбудува постојано, предизвикувајќи ја везден нашата заинтересираност и желба за спознание.
Затоа препознавањето на некои чудни коинциденции низ простор-времето скоро редовно нè предизвикува на една сериозна промисла за потеклото на ваквите чудоредија.
Така е и со ткн. „Бомбашки процес“, во кој Кралството на Југославија и неговата судска власт го судеше комунистичкиот активист, Јосип Броз. При ова судење Јосип Броз, наречен Тито, му се обратил на судот со една дрска декларација, дека тој го признавал само судот на својата партија, а за овој суд, кој го суди, немал никаква почит и дека тој бил потполно ирелевантен за него.
Сепак, Тито беше осуден и послушно си отиде на отслужување на добиената казна.
Во затворот во Лепоглава комунистите создадоа ткн. политички универзитети, каде тајно ги читаа и прераскажуваа делата на Маркс, Енгелс, Ленин итн.
Моша Пијаде, кој по вокација беше сликар, а подоцна и еден од најблиските соработници на Тито, му наслика портрет кој го прикажуваше идниот најголем син на југословенските народи и народности од тие денови, поминати во затворот. Испиеното лице на фанатичниот комунистички револуционер, сликарот Моша Пијаде го беше реализирал на платното со четка за миење заби, прибидејќи затворските власти не им дозволувале на другарите да му донесат сликарски прибор. Можеби сметале дека тоа е алат кој би можел да се искористи за продукција на пропаганден материјал.
Што се однесува до боите и сликарскиот медиум, се претпоставува дека биле користени бои за кондури и некои прехрамбени материјали, кои со сушење добиваат силна конзистентна структура, како лебот, на пример – за светлите нијанси, паста за бричење или масло за салата и бензин од запалки наместо ленено масло и терпентин – како медиум за растворање на боите.
Како и да е, портретот на Тито, направен од ликовниот уметник, сликарот Моша Пијаде, додека заедно ја отслужувале казната определена од судот, кој дреарскиот работник и комунистички активист, Јосип Броз, наречен Тито, Валтер, и уште со колку ли не, имиња, не сакаше да го признае, зошто за него постоеше само судот на неговата партија, беше реализиран и стана едно од оние ретки ремек-дела на социјалистичкиот реализам.
Заедно со оној фамозен портрет на големиот словенечки сликар и графичар, Божидар Јахац, изведен во црвен креон кој го покажува скоро ренесансниот лик на Тито од периодот на НОБ, се можеби двете највпечатливи и најпродлабочени ликовни студии на неверојатната личност на Тито во огромната галерија на портрети, што најголемиот син на југословенските народи и народности ги доби од најзначајните сликари, графичари и скулптори од бившата ни држава.
Но тој лик со силна волја, итрина и посветеност на сопствената кауза, правејќи неверојатни и дрски политички потези, но со фантастична интуиција, чувство за гео-стратегиските и гео-политичките констелации и до лудило прецизна пресметливост, е модел кој секогаш нуди голем предизвик за секој реалистички или, ако сакате, фигуративно ориентиран ликовен уметник.
Затоа и претставниците на британските музеи се сјатија во бившата СФРЈ за време на распадот и граѓанската војна за да ги купуваат портретите на Тито, кои, едноставно, беа паднале во немилост, а нивната вредност беше сведена скоро на нула. Опфатени од политичкото лудило, надлежните за уметничките дела и вредности на државата во распад, беа на чекор од физичко уништување на овие ремек-дела на современото дворско сликарство во СФРЈот.
Денес, како верификација на фарсичноста од повторувањето на одредени силни моменти од историјата, како оној за непризнавањето на судот на Кралството Југославија од страна на комунистот Јосип Броз – Тито, имаме еден комичен лик, кој како да излегол од цртаните филмови во продукција на Хана и Барбера.
И овој чуден лик не сака да го признае судот на современа Република Македонија. Но, зошто? И од каде ваква дрскост? Вака ужасно набилдано его врз мизерната му харизма и интелигенцијата, за влакно посупериорна од идиотската.
Одговорот лежи во неверојатниот степен на слобода која некои карактери, кои избегале од реалноста на совремието, си ја доделуваат, понесени од лажното месијанство и илузорната претстава за себеси, дека се некаков политичка фактор, без кој не се може.
Тито беше во затвор, и покрај тоа што не го признаваше судот кој го беше осудил. Зошто овој антропоиден глодар не би го следел својот политички идол и во овој аспект?
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.