
Колумнист: Мојсо Мојсовски
Солидно долго време ни беше потребно за да осознаеме дека Универзалната сала во Скопје не била бугарска помош за настраданиот град во 1963 година, туку била изградена од парите на повеќе од 30 земји, кои несебично им ги даруваа жителите на главниот град на РМ. Проектот бил бугарски, навистина, а средствата солидарни. Долго по нејзината изградба, но и по завршувањето на гимназијата „Георги Димитров“, попозната како бугарска гимназија, туристи од источниот сосед на пропатување кон б’лгарски Охрид или специјално дојдени на пазарење, со автобуси од претпотопско производство, ги посетуваа овие два објекта и се фалеа со нив. Некои одеа дури дотаму што преспиваа во гимназијата! Не знаевме дали спиеле на клупи или по подови, но ги среќававме пред почетокот на првиот час како левтерно се мијат и бричат во школските клозети.
Но, како и да е, непобитен беше фактот дека универзални сали, исти како скопската, имало во Софија и во Прага. Тоа нѐ правеше горди, живеевме во град, довчерашна балканска касаба, демек со европски шмек.
На овие веќе подзаборавени моменти ме вратија најновите информации, според кои претстои детална обнова и реконструкција на гордиот објект и споменик на светската солидарност што сè уште доминира на границата меѓу Дебар маало и Колонија. Навистина, објект сè уште e во употреба, но со сериозни мани во секој поглед. Сепак, времето си го прави своето.
Универзална беше едно од местата каде што долго по земјотресот се одвиваа приредби-концерти, театарски претстави и спортски натпревари во рамките на Средбите на солидарноста. Нашата небрежност или немањето парии, сеедно, ги згаснаа средбите, но салата работеше и работи под полна пареа.
Беше претесна да ги прими посетителите на концертите на Шарл Азнавур, Антоан, Мат Колинс, Ѓорѓе Марјановиќ и Мики Јевремовиќ, на „Песма лета“, на фестивалот на забавни мелодии „Скопје 6’8“, на претставите на белградско „Ателје 212“, на мјузиклот „Коса“, на настапите на „Танец“ и на безброј странски фолклорни ансамбли, на кошаркарски средби и на боксерски мечеви, на шаховски симултанки, на „Џандар збира“ со Игор Џамбазов… Универзалноста беше токму во тоа што за кратко време партерот се претвораше и во лизгалиште за хокеј, паркет за танцови натпревари, циркуска арена и што ли уште не… уште да можеше да биде пливалиште и сè ќе беше комплет, се шегувавме ние, сведоците на сè што се случуваше во објектот на Партизанска. А, рака на срце, си мислевме дека е небаре „Медисон сквер гарден“, во најмала рака.
На доброосмислените настапи и настани доаѓаше секој што си наоѓаше барем малку интерес да види нешто поинакво и помодерно, но и да биде виден, сам или во друштво. Речиси не знаевме кои се и што претставуваат во таа ’67 Зубин Мехта и оркестарот со кој дирижираше, уште помалку како треба да се облечеме за тој настап, аплаудиравме кај што треба или не, но отидовме во огромен број зашто тоа за нас беше историја, бевме свесни за нивното значење за Скопје и за неговите жители. Врвот на повеќекратната намена беше достигнат во раните 70-ти години кога салата беше употребена како амфитеатар за предавања на Правниот факултет. Таа година се беа запишале многу студенти на право, а друг простор немаше. Можете да замислите како изгледаа предавањата, но и паузите меѓу нив…
Обновената Универзална, несомнено, секогаш ќе биде преполна, интересирањето ќе го предизвикуваат сè нови и нови генерации исполнители, но возбудата на посетителите ќе биде секогаш голема и свежа, како таа на генерацијата од почетоците на култниот скопски објект.
(објавено во 20. број на неделникот „Република“, 18.01.2013)
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


