Диетата Дукан е слична на Аткинсовата и се темели на протеински денови. Популарноста ѝ е во реченицата „може да јадете колку што сакате“, но и во ѕвездите што почнаа да ја пропагираат, од Кејт Мидлтон, Жизел Бундхен преку Џенифер Лопез до Пенелопе Круз.
Зимата редовно носи неколку килограми повеќе на телото, кои лесно се маскираат со широките џемпери, зимски јакни и капути. Но проблемот доаѓа со првите сончеви зраци, кога соочени со изгледот што не ни се допаѓа, брзаме да го коригираме.
Новата диета Дукан, која го освојува светот, може лесно да се држи и во зима, зашто волшебната формула ѝ е „може да јадете колку што сакате“ (од дозволените продукти), но барем еднаш неделно мора да се консумираат само протеини. Доктор Дукан препорачува тој ден да биде четврток.
Диетата Дукан има четири фази. Првите две водат до нагло губење на килограмите, а другите две се фокусирани на долгорочно одржување на линијата. Не дава пингпонг-ефект, односно по слабеењето нема брзо да ги наталожите килограмите, доколку се придржувате на правилата, кои се едноставни.
Прва фаза
Задолжителен дел на првата фаза се протеините. Пилешко месо, месо од мисирка, јајца, риба, морски плодови, соја. Количеството не им е ограничено, но во текот на денот задолжително е консумирање литар и пол вода и пешачење 20 минути. Од сокови и алкохол не е дозволено ништо, освен неконзервиран сок од домати. Не се дозволени ни тестенини, леб, ориз, грашок, грав, компир. Не се дозволени ни салати ни зеленчук, а препорачливо е да се избегнува свинското месо. Консумирањето шеќери мора да се сведе на нула, а задолжително е дневно внесување една супена лажичка овесни житарки.
Првата фаза е најтешка, но трае само 10 дена
Времето на траење на првата фаза е најмалку една недела, а најмногу десет дена, и за тој период би требало да се изгубат првите 3 килограми. Се зависи од тоа колку килограми сакате да загубите. Ако таа бројка е повеќе од 20, тогаш првата фаза морате да ја издржите десет дена.
Втора фаза
Втората фаза е клучна за губењето на тежина. Во текот на оваа фаза е важно: еден ден во неделата да консумирате само протеини, потоа еден ден протеини и зеленчук, па повторно еден ден само протеини итн. Накратко, секој прв ден само протеини како во првата фаза, а секој втор ден да воведувате зеленчук со протеините. Можете да направите и распоред од по три дена – значи, три дена протеини, а потоа протеини со овошје и зеленчук.
Дозволен зеленчук се брокула, спанаќ, цвекло, краставица, домат, печурки, ‘рдоква, црн домат, зелка и кромид. Забранет е зеленчукот што содржи скроб, односно компир, боранија, леќа, грашок, грав, пченка. Се препорачува пиење многу вода, консумирање две супени лажици овесни житарки и 20-минутно пешачење дневно. Дозволен е сок од домати без конзерванси.
Втората фаза се држи сè додека не се постигне саканата тежина, а на секои три дена се слабее по половина килограм.
Трета фаза
Ова е период на стабилизација, кога целта треба да биде задржување на постигнатата тежина. Во оваа фаза полека се воведуваат продуктите што беа забранети во минатите две фази, а се продолжува со секојдневното консумирање на неограничено количество протеини. Сега се дозволени и јагнешкото и свинското месо, неограничени количества салата и зеленчук.
Времетраењето на третата фаза е онолку денови колку што сте изгубиле килограми во првите две фази. Ако се тоа десет килограми, тогаш третата фаза треба да трае цели десет дена.
Диетата доби поддршка од многу ѕвезди, со тоа ја зацврсти својата популарност.
Четврта фаза
Четвртата фаза е одржување. Авторот на оваа диета тврди дека ако секој четврток јадете само протеини, а сите други денови во неделата јадете што сакате, нема да се здебелите.
Задолжителни се и понатаму овесните житарки, една лажица дневно, секој ден, како и 20-минутното пешачење.
Диетата Дукан не се препорачува за оние што имаат здравствени проблеми.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.