| четврток, 6 декември 2018 |

Опасна диета од 70-тите повторно стана популарна

Оваа популарна диета што „ветува“ дека ќе симнете 2,5 килограми за три дена беше популарна во 70-тите и сега е повторно актуелна. Но, нутриционистите предупредуваат дека диетата не само што не е одржлива, туку е и опасна.

Во списанието „Vogue“ во ноември, 1977 година беше објавена диетата со која набрзина, за само три дена, може да се ослаби 2,5 килограми со варени јајца и вино.

Диетата предвидува едно тврдо варено јајце за појадок и чаша бело вино, за ручек две тврдо варени јајца и две чаши вино, а за вечера говедска шницла и остатокот од шишето вино. Со секој оброк се препорачува и шолја кафе без шеќер и млеко.

Без млечни производи, овошје и зеленчук

Група нутриционисти од Велика Британија дадоа објаснување зошто оваа диета не само што не е ефикасна, туку и опасна за здравјето.

Строгата диета го намалува внесувањето на калории, но и доведува до страшна дехидратација на телото. Кога ќе ја завршите, како што е случај со сите екстремни диети, за кратко време ќе ги вратите изгубените килограми бидејќи ќе ви се јаде многу, а може и да „качите“ некој килограм плус.

Диетата предвидува само 1.200 калории дневно, а ги елиминира групите на намирници што содржат важни хранливи состојки, витамини и антиоксиданси, како свежо овошје и зеленчук.

Бидејќи оваа „диета“ не содржи храна со растителни влакна, најверојатно ќе добиете запек.

Точно е дека јајцата се здрав извор на протеини и витамин Д, но за луѓето со висок холестерол се препорачува внесување на 4 јајца неделно, а оваа диета предвидува три дневно.

Виното е уште еден елемент што нутриционистите не го препорачуваат, посебно не цело шише дневно.

Шницлата што се „препорачува“ за вечера може да биде здрава опција ако се конзумира еднаш или два пати неделно, во комбинација со зеленчук, а не секоја вечер. Црвеното месо содржи многу протеини и железо, но исто така и заситени масти што го зголемуваат холестеролот.

Ваквиот начин на исхрана можеби ќе го донесе посакуваниот ефект за кратко време, но килограмите се враќаат брзо и последиците по здравјето може да бидат многу опасни: дехидратација, висок холестерол, тврда столица, срцеви заболувања и слично.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top