Старите пријатели се како старо вино, колку повеќе време поминало од нашата последна средба, толку промените на подобро станале поевидентни, пофасцинантни и попрофилирани. Всушност, сите тие созреале на овој или оној начин, изградиле цврсти и непоколебливи ставови кои ги возвишиле до аксиоматски висини.
Тешко е да се спори со нив, зошто нивното „јас“ станало неприкосновено, убеденоста што ја имаат и што ја шират така вехементно по мрежата, е беспоговорна. Кога ми се обраќаат, всушност, кога зборуваат за мене и моите постапки, што се однесува до општествениот активизам што Јосеф Бојс во последната своја творечка фаза го прогласи за единствена можна уметност и, така, ја изедначи уметничката со политичката креација, а која, во оваа последна декада од историјата на уметноста стана императив, и со тоа најмасовно можно помодарство кое се шири по сите површини и во сите структури на општеството и кое ги опфати речиси сите чинители на уметничката заедница, а со тоа и мојата минорност, значи, обраќајќи ми се од позиција на супериорни ентитети и нарекувајќи ме со најнедолични, најпогрдни и најмизерни квалификации, не ми останува ништо повеќе отколку да се повлечам најснисходливо од полето на нивното дејство и да им посакам спокојно и удобно патување до крајот на времето.
Чувствувајќи се непосакуван и непожелен во нивниот круг на интеракции, јас, всушност, влегувам во зоната на една психолошка растовареност.
Оваа слобода, што ми ја подарија со нивниот анимозитет кон моите личност и дело, функционира на најмалку две нивоа.
Првото е препознавањето на нивното прифаќање на мојата декласирана персона, при коe тие знаат многу повеќе за мене и за моите мотиви, со што го пренебрегнуваат мојот идентитет, пенетрираат, без пардон, во мојата индивидуалност и даваат дијагнози за мојата ментална состојба, нарекувајќи ме генетски пореметен или умоболен, дегенерик, платеник на режимот, лудак, на кој му нема лек…
Им благодарам на комплиментите, за себе, инаку, мислев дека сум далеку поординарен, поздодевен и, во секој случај, понебитен за толку продлабочените експертизи за моето битие, а што нивните когнитивни капацитети со голема ревност и напор се потрудиле да го дефинираат.
Посебно ме изненади нивната мотивација, така упорна и темелна, таа нивна потресеност и грижа за моето душевно здравје. Сепак, не можам да не го видам цинизмот и иронијата која така обилно ја складираат во потконтекстот. Најчудно ми е, сепак, тоа што во ниеден момент не навредив, ниту пак прозвав некој од нив по име и презиме, ниту во моето јавно делување и критика, ниту на мрежата, на која не сум ни приклучен.
Но, им благодарам за искреноста и за разбивањето на илузиите што ги имав за нив, сметајќи ги за доблесни дами и господа и за луѓе кои не одат под минимумот на човечкото достоинство.
Тоа што ме исмејуваат и навредуваат е легитимирање на нивната мисла и на нивната имагинација. Јас, сепак, се откажувам од емотивната одговорност кон нив, но ова не го правам зошто сум разочаран од нивниот негативен и пародичен однос кон мојата небитност, туку, пред сè, за да не им бидам на товар како некаков здодевен душебрижник, кого, ете, го поднесуваат само заради некаква апстрактна хуманост.
Искрено, имаше и пострашни пројави од нивните, кои, главно, се ограничија на понижување и исмејување. Имено, неколкумина од кругот на старите пријатели се трансформираа во вистински душмани, јаросни и агресивни.
Еден критичар на уметноста лансираше куп ужасни навреди и тешки клевети, кои навистина ме зачудија, но ми го разјаснија неговото подмолно поведение од минатото, кое не еднаш ме збунило и предизвикало несакани анализи на оваа тема.
Другиот, пак, презентер и читач на реклами ми се јавуваше и испорачуваше смртни закани.
Третиот, генијот на цитатологијата и туѓата мисла, тој што секогаш е повеќе во вас отколку вие самите, значи, интелект кој знае повеќе за вас од вас самите, ме плукаше и гнасеше каде што ќе стигне. Веројатно, ова му пружи еден вид уживање и токму тоа ми е утеха за неговиот критички напор.
Затоа, ви велам, пријатели мои стари, кои во овие моменти дејствувате како огледала, заматени од патината и големите слоеви прашина што минативе години се напластиле врз вашите непогрешливи одрази, вашето исмејување и навреди дејствуваат како мевлем и комплименти во однос на нападите на оние неколкумина крвожедни критичари, кои со задоволство би ми ја отсекле главата во најџихадистички манир.
Ете, затоа, можам да ви кажам дека кај мене вашите коментари не оставаат некои особено потресни ефекти. Посебно, што ова не ви е првпат. Та, и ѕидовите имаат уши, што би рекол вашиот идеолошки, политички и револуционерен водач, лидерот на превратот.
Само, не знаев, дека имате толку склоности кон воајеризмот и кон уживањето во туѓата разголеност. Не знам како би се чувствувале некој да фати да ги објавува на јавната сцена вашите приватни разговори. Да се исмејува со вашата личност во моментите на слабоста, што сигурно сте ја имале во животот и за која сте им се доверувале на вашите блиски.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.