| четврток, 6 декември 2018 |

Младенов бил лоциран преку неговиот мобилен телефон

Неизвесноста за судбината на новинарот Никола Младенов траела неколку часа, дознава „Република“. Според информациите од негови блиски, Младенов со автомобилот излетал од автопатот Скопје – Велес ноќеска, но сѐ до утрово никој не знаел што се случило со него.

Неговата сопруга претпладнето околу 10 часот пријавила во полиција дека од него нема никаква трага и дека не одговара на телефонските повици. Веднаш потоа полицијата го лоцирала местото на несреќата благодарение на неговиот мобилен телефон.

Поради тешкопристапниот терен каде што завршил Младенов со неговото возило, а и поради тоа што на тој дел до автопатот се вози мошне брзо, никој не забележал дека во амбисот има превртен автомобил со патник.

Автомобилот во кој е и телото на Младенов сѐ уште е на местото на несреќата, каде што завршил по неколкукратното превртување при излетувањето од автопатот во близина на Хиподом.

Како што јавува екипата на „Република“, на местото веќе пристигнал истражен судија и се очекува да почне увидот. Истрагата треба да ги утврди околностите под кои настанала трагичната сообраќајна несреќа.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top