| четврток, 6 декември 2018 |

Малта, љубов на прв поглед

Малта претставува една од најинтересните дестинации бидејќи важи за место со мистично, средновековно минато. Нејзината преубава престолнина Ла Валета е град-тврдина во која се крие целата историја од крстоносните војни, голем број преубави палати и цркви. Благодарение на благата клима, убавите плажи со чисто и бистро море, како и богатата историја, Малта претставува магнет за туристите

Малата, но фасцинантна островска држава сместена во центарот на Медитеранот веднаш ќе ве освои со својата безвременска убавина.

Овој мал архипелаг на Средоземно Море отсекогаш бил стратегиски центар каде што свои траги оставиле Феничаните, Римјаните, Византијците, Арапите, Французите, Британците… Речиси два и пол века таму престојувале малтешките витези од редот на св. Јован Крстител.

Малта претставува една од најинтересните дестинации бидејќи важи за место со мистично, средновековно минато. Нејзината преубава престолнина Ла Валета е град-тврдина во кој се крие целата историја од крстоносните војни,  голем број преубави палати и цркви. Благодарение на благата клима, убавите плажи со чисто и бистро море, како и богатата историја, Малта претставува магнет за туристите.

malta-2

Богата историја и посебна мистичност

За патување до мистичниот остров може да ги искористите понудите на туристичките агенции, кои особено ги има во летниот период, или да стигнете до таму во свој аранжман со авионски превоз. Цените на понудите од туристичките агенции се движат различно, во зависност од тоа во кој период и месец сакате да патувате. Најевтините се од 380 евра, па нагоре за неколку дена, но во јуни, додека за јули и за август цената е повисока, повеќе од 400 евра. Само авионски билет до Ла Валета чини од двесте евра, па нагоре, повторно во зависност од периодот на патувањето. А доколку не сакате да ја посетите Малта во лето, може да го направите тоа во кое било годишно време бидејќи таа е секогаш привлечна на посебен начин.

Откако ќе слетате на аеродромот во Ла Валета ве очекува првото изненадување: таму ве чекаат стари автобуси, уште од периодот кога Британците го држеле овој остров. Но ако тоа ве разочара, со самото влегување во тие автобуси веднаш ќе го промените мислењето бидејќи автобусите се исклучително удобни и климатизирани. Малтежаните успеале од тие стари автобуси да направат туристичка атракција и, на некој начин, да ги презентираат како еден од своите заштитни симболи.

Кога ќе дојдете во Малта, прво што ќе забележите се куќите изградени од варовник, кој претставува единствен градежен материјал, а може да се каже и заштитен знак на островот. Овој камен на сонце ја менува својата боја од бела во бледо жолта и се стврднува, но баш таков е најлесен за одржување. Иако на Малта нема многу песочни плажи, вредните Малтежани ги обработиле и дотерале камените плажи, така што изгледаат прекрасно и волшебно.

malta-3

Чисто море, сино небо и пријатно ветре – трите карактеристики на островот од соништата

Друга атракција се познатите малтешки чамци, кои ве водат на романтично возење како во некои минати времиња. Кога ќе зачекорите во кривите и тесни улички ќе ве изненадат капиите на куќите. Тие го задржале колоритот на Медитеранот, а сепак го имаат духот на новото време.

Ако немате многу време за истражување на островот можете тоа да го направите во обиколка со туристички автобус. Има многу места од каде што се поаѓа и со аудиоводич ќе дознаете интересни факти и притоа ќе ги обиколите поголемиот дел од значајните локации. Во билетот е вклучено и разгледување на заливите, така што ќе имате можност да ги видите и најзначајните пристаништа на овој остров.

malta-4

Во Малта ќе наидете на голем број цркви и катедрали. Нејзините граѓани важат за религиозни луѓе, па речиси секој ден во годината е посветен на одреден светец, а бучните прослави со огномети се секојдневна појава од мај до септември. За туристите задолжителна е посетата на катедралата „Сент Џорџ“ од 16 век, која ја изградиле малтешките витези, кои неколку векови владееле со ова место.

Со Малта владееле многу сили, кои оставиле трага во богатата култура. На островот се чувствува близината на Италија (Сицилија се наоѓа блиску на југот од Малта), на Англија потсетува возењето од лева страна и тоа што покрај малтешкиот јазик официјален јазик е и англискиот, а арапското влијание е видливо во архитектурата. Токму комбинацијата од сите култури и карактеристиките од освојувачите низ вековите им дава посебна привлечност на локалните жители. Медитеранот особено се чувствува во кујната. Се јаде многу риба и се пијат италијански вина. Специјалитети во храната, покрај рибата, се и малтешкиот зајак, туната и пикантните колбаси, кои ќе ви откријат еден поинаков вкус.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top