Во 147. број на неделникот „Република“ ќе читате:
Крај на лустрацијата – Исправена историска неправда
Комисијата за верификација на фактите за повеќе од 300 лица утврди соработка со органите на државната безбедност, а низ рацете на лустраторите „поминаа“ повеќе од 30.000 лица, поранешни и актуелни носители на јавна функција, јавна дејност или со јавни овластувања, како и кандидати за овие функции. Меѓу нив се најдоа професори, писатели, поранешни министри, политички функционери, јавни личности. Иако на почетокот сите го поддржуваа процесот, не сите по извршеното лустрирање се согласија со работата на Комисијата.
- Тие што застапувале, односно практикувале вредносен систем што е веќе заменет со друг систем на вредности, со мали исклучоци, останаа доминантни во институциите и во граѓанскиот сектор регрутирајќи нови војници. Затоа и нивното спротивставување и гласност против лустрацијата беше толку упорно и агресивно – оценува претседателот на Комисијата, Томе Аџиев.
ЕУ прави бегалски камп од Македонија?
Македонија го олесни транзитот на емигрантите од Блискиот Исток низ нашата земја. Во меѓувреме, Грција, земја-членка на ЕУ, со засилено темпо нѐ полни со емигранти преку нашата јужната граница. На северната граница, пак, се најавува дека унгарска, па и австриска полиција (двете земји-членки на ЕУ) заедно со српската ќе ја контролирале границата за да спречеле овие луѓе да го продолжат патот до нивната крајна дестинација – Западна Европа! Унгарија и Бугарија дури се заканија дека со огради ќе ги заштитуваат границите. Од медиумите на Сорос не слушнавме дека ЕУ води фашистичка политика кон емигрантите и дека бездушно се изживува со нивната судбина. Од СДСМ, пак, нема повик до Брисел да преземе итни решенија за проблемот. Во меѓувреме, се наметнува дилемата дали Брисел молчешкум сака да ја претвори Македонија во еден голем бегалски камп?
Македонија пред нова бегалска криза?
Главната теза за градење на новиот ѕид е со две идеи. Првата е да се спречи напливот од бегалци од регионот во Германија,каде што само во последниве пет месеци пристигнале околу 100.000 азиланти (најголем број од Косово и од Албанија) и втората е земјите од Балкан да бидат стабилни и да апсорбираат голем дел од реалните бегалци од Сирија, Ирак и од Авганистан, кои се тргнати кон западна Европа. Македонија како дел од главната маршрута на бегалците, кои од конфликтните зони на Блискиот Исток се обидуваат да стигнат до богатите западни држави, се наоѓа во сериозна опасност да стане земја во која ќе завршат сите такви обиди.
Изборите најголем непријател на опозицијата
Секаде во светот опозицијата се моли да има избори. Посакуваат да ги има секој месец, па и недела. Единствена земја во која ситуацијата е повеќе од спротивна е Македонија. И така сме домаќини на два ендемски вида – охридската пастрмка и моликата, но и на опозиционери што без проблем пет месеци објавуваат незаконски здобиени разговори, притоа никој не ги чепка, а нивни главен аргумент за враќање на сцена е страшниот режим?! Истите тие опозиционери имаат и патолошки уплав од избори. Нивната ендемска фобија ја стави државата на картата на уникатни општествени творби, место каде што опозицијата бега од избори?!
Двојни стандарди – рускиот гас не е за секого
Само два месеца откако Македонија според многумина беше принудена да се откаже од сонот за енергетска независност преку рускиот гас и проектот „Турски тек“, сега членки на ЕУ наголемо потпишуваат договори или бараат договори за трансфер на рускиот природен енергент до западна, централна и југоисточна Европа. На Москва отворено ѝ се нудат бенефиции и профит, а пријателството е скриено меѓу редови за да не се налутат пријателите во Вашингтон што Русија, сепак, го диктира европскиот пазар на енергенти.
Наташа Радеска-Крстевска: Стануваме дел од царината на ЕУ
Од 1 јули Македонија пристапува кон Конвенцијата за заеднички транзит на ЕУ. Од аспект на евроинтеграциите, влезот во заедничкиот транзитен систем ќе биде клучен адут во претпристапните стратегии бидејќи Република Македонија ќе биде дел од царинскиот систем на ЕУ пред да стане нејзина полноправна членка. Од економски аспект, пак, пристапувањето кон Конвенцијата значи олеснување на тргувањето со ЕУ, ЕФТА и со Турција, како наши најголеми и долгорочни надворешно-трговски партнери.
Новиот број е во продажба од петок, 26 јуни 2015 година
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.