
Колумнист: Горан Момироски
Можат ли да бидат урнати со векови градените бариери меѓу Албанците и Македонците кои во последните десетина години беа зацементирани со тешки предрасуди и стереотипи?
Пропаста на мобилниот оператор „Албафон“, иако од бизнис аспект е штетна, во смисла на интеретнички односи дава надеж дека работите, можеби, ќе можат да дојдат на своето место, а ставот на голем дел од Македонците дека Албанците секогаш се водат само од своите национални интереси ќе излезе погрешен.
Банкротот на „Албафон“, кој успеа да привлече само 16 илјади од официјалните преку 500 илјади Албанци во Македонија, покажува дека националните емоции не можат да ја победат желбата за квалитетен живот и во тој контекст добар мобилен сигнал. Не се исполни ниту планот Б на менаџерите на „Албафон“ кои рекламирајќи ја својата компанија само на албански јазик и претставувајќи ја како „чисто албанска“ се надеваа дека, ако не главната, барем втората мобилна линија кај секој Албанец од патриотски причини ќе биде од „Албафон“. Иако Албанците се познати како големи патриоти кои не жалат ни пари, ни време, ни живот за каузата, во случајот „Албафон“, сепак, за свој главен оператор ги избраа „Т-мобиле“ или „Оне“, каде што меѓу директорите се доминантни Македонци иако газди се странци. Со таквото логично и пазарно однесување во сферата на мобилната телефонија Албанците испраќаат сигнал дека можат да се однесуваат логично и кога се работи за интересите на државата Македонија.
Се разбира, не може да се исклучи дека услугите на „Албафон“ не биле ниту минимум професионални и затоа Албанците не станале муштерии на „етничката компанија“, со што целата теза за помирувачки сигнали ќе излезе неточна. Но, дури и да е така, таа мора да биде анализирана од политичките партии во иднина затоа што може да даде одговор на низа прашања меѓу кои за Македонците најгорливо е дали можат да им веруваат на своите сограѓани Албанци во ситуација кога сите албански лидери во регионот говорат за Голема Албанија.
Може ли намалувањето на бројот на Албанците да го смени и нивниот однос кон Македонците?
Пропаста на „Албафон“ отвора уште една дилема за состојбата со Албанците во Македонија. Дел од познавачите тврдат дека, покрај незадоволството од работата на компанијата, една од причините за малиот број претплатници меѓу Албанците е и нивниот сѐ помал број во Македонија. Тоа се објаснува со нискиот процент од повеќе од 40 проценти гласачи во доминантните албански средини, но и со одбивањето на ДУИ да се спроведе попис на населението поради страв дека бројот на Албанци ќе падне под 20 проценти. Тука не треба да се исклучи ниту одбивањето на албанските партии на идејата за една изборна единица, при што тие би добиле најмалку една четвртина помал број пратеници од сегашните 27.
Некогаш Македонци членуваа во ДУИ, сега Албанци бараат партиски книшки на ВМРО-ДПМНЕ. Тоа што до пред неколку месеци звучеше како научна фантастика, сега е реалност. Триесетина Албанци од една скопска општина пред само неколку недели од локални активисти на партијата побарале пристапници за членство во ВМРО-ДПМНЕ. Иако на почетокот нивното барање, кое се совпаднало со прислушуваните разговори во кои има и навредливи коментари за Албанците, било прокоментирано како шега, активистите на владејачката македонска партија биле шокирани кога им било кажано дека барањето за зачленување во ВМРО-ДПМНЕ е крајно сериозно. На целиот случај му дава посебна тежина тоа што Албанците не барале никакви услуги, вработување, поправка на патишта или какви било други бенефиции. Според информациите, од барањето за пристапници биле вознемирени и одговорните за издавање членски книшки во повисоките партиски кругови на ниво на град Скопје, според кои нема пречка кој било граѓанин да стане член на партијата ако ги почитува Статутот на партијата и законите на Република Македонија. Веднаш по откривањето на групата Албанци што сакаат да станат дел од ВМРО-ДПМНЕ, на терен излегле активисти на ДУИ кои требало да ги превоспитаат непослушните кои ако не се за ДУИ, тогаш мора да бидат за ДПА или за Беса. Според досегашните информации, нивната мисија засега е неуспешна.
(Текст објавен во 146. број на неделникот Република, 19.06.2015)
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


