| четврток, 6 декември 2018 |

„Додека Данте спие“ – прва збирка раскази на Силвија Митевска

Деновиве излезе од печат дебитантската книга „Додека Данте спие“ на авторката Силвија Митевска. Се работи за 111 издание во популарната едиција „Проаза“ на издавачката куќа „Или-или“ за коe илустрацијата на корицата ја изработи Марија Смилевска, а за дизајнот беа задолжени бригада.мк.

unnamed

За одличната збирка раскази, наградуваната писателка Лидија Димковска напиша: „Силвија Митевска е млада прозаистка која ѝ припаѓа на најновата генерација македонски раскажувачи. Нејзиниот раскажувачки тон е полн свежина, умешност, возбуда, таа знае да раскажува, знае да ги слуша своите ликови и да ги води низ темните предели на раскажувањето, а резултатот на тоа одисеевско патување е проза која се чита во еден здив. Силвија Митевска е авторка за која ќе се слуша во иднина, сѐ повеќе и повеќе“.

А Венко Андоновски потенцира: „Ретко се случува при добивање ракопис на дебитант да се открие талент којшто веќе својата дарба ја здружил со не мала писателска умешност, односно – занает. Во дебитантската книга раскази на Митевска видливи се трагите на прозниот артизам, кој токму врз жанрот расказ поставува максимални барања пред авторот. Книгата „Додека Данте спие“ е вистинска радост за македонската современа прозна продукција“.

Силвија Митевска е родена 1979 г. во Скопје. Нејзина професионална окупација било акробатското параглајдерство. За време на престојот во Италија и Израел пишува раскази. „Додека Данте спие“ е успешен производ токму на таа нејзина прозна активност.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top