| четврток, 6 декември 2018 |

Бела куќа: Оланд не бил цел на прислушување од САД

Белата куќа ноќеска соопшти дека францускиот претседател Франсоа Оланд не бил цел на прислушувања, откако сајтот Викиликс објави дека американските безбедносни служби ги шпионирале Жак Ширак, Никола Саркози и сегашниот француски претседател.

– Ние не целиме, ниту ќе целиме на комуникациите на претседателот Оланд, потврди портпаролот на американскиот Совет за национална безбедност, Нед Прајс.

Прајс, меѓутоа, не наведе кој во минатото бил цел на прислушкувања од американските безбедносни служби.

– Ние не објавуваме било какви активности на странскиот разузнавачки надѕор, освен доколку не постои специфична и проверена причина за националната безбедност. Ова (прислушувањето) подеднакво се однесува како на обичните граѓани, така и на светските лидери. Тесно соработуваме со Франција за сите прашања од меѓународно значење и Французите се наши незаменливи партнери, рече Прајс.

Францускиот претседател за денеска свика итен состанок на Советот за безбедност на Франција по повод извештајот на Викиликс за тоа дека САД шпионирале тројца француски претседатели, е најавено во Париз.

Состанокот ќе почне во девет часот по локално време во Париз.

Викиликс откри, а францускиот печат пренесе, дека американските безбедносни служби ги шпионирале Ширак, Саркози и сегашниот претседател Оланд, така што им ги прислушкувале нивните телефонски разговори и им ја пресретнувале нивната електонска (е-маил) преписка.

Шпионирањето на француските претседатели е изведено во периодот од 2006 до 2012 година, пренесе францускиот весник „Либерасион“. Весникот се повикува на документи што биле „најголема тајна“ и меѓу нив се пет извештаи на американската Национална безбедносна агенција, што биле изработени врз основа на пресретнати комуникации.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top