| четврток, 6 декември 2018 |

Германија го губи трпението за Грција, Меркел сѐ уште има простор за маневар

Спротивставени реакции во Германија по оценката на канцеларката Меркел дека вчерашните предлози на Грција се основа за продолжување на преговорите за спас на речиси банкротираната членка на ЕУ.

merkelue_85153-L0x0

Нивото на фрустрација од трпеливиот однос на владата во Берлин со своите колеги во Атина најдобро го покажува пратеникот Волфганг Бошбах од партијата на Меркел ЦДУ и нејзин силен поддржувач.

Политиката на еврозоната кон Грција е „финансиска вртелешка“ изјави за германските медиуми Бошбах, кој и претходно беше против финансирање на грчката влада. Според него, сите што веруваат дека со новата најавена помош за Атина ќе заврши приказната за спасот на Грција се лажат.

Водечкиот медиум близок до конзервативниот блок „Франкфунтер алгемајне цајтунг“ бара од Меркел да не брза со одлуката и внимателно да го анализира новиот грчки план. Весникот пишува дека ниту една земја во криза не го нарушила јавниот имиџ на Европа како радикалната коалиција во Атина која што ја загрозува основата на ЕУ.

Според влијателниот магазин „Дер Шпигел“ сега топката повторно е во дворот на грчките кредитори коишто мораат да одлучат понатаму. Овој став  го дели и грчкиот премиер Ципрас кој смета дека Грција го направила своето и сега ЕУ треба да направи чекор кон финално решение.

Дел од германските медиуми се занимаваат и со вчера презентираните разлики меѓу двајцата водечки ликови во владејачката ЦДУ канцеларката Меркел и министерот за финансии Шојбле кој најпрвин изјави дека новиот грчки предлог не е ништо ново, а подоцна мораше да ја прифати оценката на Меркел дека предлогот е основа за нови разговори.

Во анализите за последиците од прифаќање на нов договор со Грција нема стравувања дека тој може да влијае сериозно на општата политичка ситуација во Германија. Земјата која што е најголем кредитор на Грција со преку 70 милијарди евра преку различни институции и билатерално има владеачка коалиција со апсолутно мнозинство од 504 пратеници од вкупно 631 во Бундестагот. Според неофицијалните проценки не повеќе од 150 пратеници на водечките партии ЦДУ и СПД би можеле да гласаат против договорот што не е доволно тој да биде отфрлен од германскиот парламент.

Дел од опозицијата како екстремната левица нема да се противи на договорот со грчката влада која што и е идеолошки блиска, а единствената партија која што се противи на еврото како заедничка валута Алтернатива за Германија е фокусирана на своите внатрешни фракционерски битки. Со тоа Меркел иако многумина сметаат дека е под силен внатрешен притисок сепак и покрај критиките дома има доволно маневарски простор за решение на грчката финансиска криза.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top