| четврток, 6 декември 2018 |

„Македонија вработува“ дава позитивни резултати

Две години интензивно барав работа. Преку проектот Македонија вработува добив шанса и можност побрзо да најдам. Со оваа мерка значително се намали времето за барање работа. Задоволен сум од мојот работодавец – вели Александар, вработен преку проектот „Македонија Вработува“, пишува порталот „Економски лидер“.

Александар не е единствениот кој преку овој владин проект го пронашол своето место на пазарот на труд. Досега со проектот „Македонија вработува“, вработување добиле над 2.000 луѓе. Според надлежните со оваа мерка го крајот на годината треба да бидат вработени 20.000 невработени.

Алекандар е вработен во сметководствено биро во Скопје. Тој е еден од десетте нововработени преку овој проект. Компанијата им дала можност на млади и високо образовани луѓе, кои можат да го унапредат работењето, а на компанијата да и дадат друга перспектива.

„Нашата компанија во рок од еден месец има 10 нови вработени, од две категории преку проектот Македонија вработува. До 29 години вработени се 9 лица и едно до 35 години“, вели сопственикот на компанијата.

И Марина од Скопје, која веќе три години хонорарно работи како преведувач од англиски на македонски јазик, доби ново работно место преку мерките на проектот „Македонија вработува“. Таа веќе еден месец е вработена во компанија која посредува за превод на повеќе јазици, вели дека е задоволна од условите, а најмногу од тоа што нема да мора повеќе да работи од дома.

„Кога си вработен со полно вработно време се чувствуваш поисполнето. Секако имаш поголема сигурност, загарантиран стаж, а и редовни примања“, вели Марина.

Повеќе од 1.500 компании вклучени во проектот

Над 1.500 компании ги препознале можностите за проширување на својот бизнис со мерките кои ги нуди владата, преку проектот „Македонија вработува“.

Текстилна компанија со седиште во Радовиш е една од компаниите кои ги користи поволностите.  Компанијата расте, а ослободувањето од давачките кон државата од 3 до 5 години е од големо значење за нив.

„Ослободени сме од пресонален данок и од социјално осигурување. Станува збор за Околу 5.000 денари ослободување по човек“, вели сопственикот Драгољуб Гоцев.

Надлежните велат дека се вработуваат профили на кадри и од другите категории активни баратели на работа. Се намалува невработеноста, се раздвижува економијата.

„Имаме вработување на лица кои што се со основно, средно и со високо образование, па дури ангажман на магистри и доктори на науки кои што се вработуваат по однос на овој закон. Се разбира дека најголем број вработувањата се во Скопје, но имаме значителен број на вработувања и во останатите градови на внатрешноста што значи дека законот, поволностите, мерките се добро проектирани и даваат позитивни резултати“, изјави владиниот портпарол, Александар Ѓорѓиев.

Според проектот, компаниите кои ќе вработат нов кадар се ослободени од плаќање  предонеси и персонален данок од 3 до 5 години. На годишно ниво заштедите за компаниите се пресметуваат и до 2.000 евра.

Невработеноста ќе продолжи да се намалува

Намалувањето на невработеноста  продолжува во секој квартал, покажуваат официјалните статистички податоци. Според последните податоци на Државниот завод за статистика стапката бележи намалување за 1,1 процентен поен ако се спореди првиот квартал годинава со истиот период лани.

Бројот на вработени во првиот квартал од 2015 изнесува 697.248 лица и во однос на првиот квартал лани е зголемен за 10.971 лице, односно за 1,6%. Најновите податоци на статистика покажуваат дека стапката на вработеност изнесува 41,6%  и во однос на четвртиот квартал од 2014 е зголемена за 0,1 процентен поен.

Значителен пад на невработеноста има ако се спореди денешната слика со онаа во 2011 година. Оттогаш до денеска бројот на вработени бележи зголемување за 54.439 лица, односно за 8,5%. И покрај светската економска криза и европската должничка криза, невработеноста во земјава од 38%, за една деценија е намалена за цели 10,7 насто. Со активните мерки, надлежни очекуваат за три години, невработеноста да падне на 22%.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top