Србија одлучи при купување „фиат 500 Л“, кој се произведува во Крагуевац, од буџетот да доделува субвенции во износ од 3.000 евра. Српското здружение на увозници на автомобили упати остар протест поради таквата одлука. Со оваа мерка, како што пишуваат српските медиуми, Владата ги поддржува странските вложувања во српската автомобилска индустрија и отворањето нови работни места. Според процените, од буџетот би требало да бидат одобрени средства за субвенционирање на вкупно 5.000 новопроизведени „фиќовци“ годишно и тоа на кредит со петгодишна отплата со камата од три проценти.
– Ова не е чесна пазарна игра. „Фиат“ не ни претставува трн во окото, но само бараме исти услови – изјавил Милош Петровиќ, претседател на српското Здружение на увозници на возила и делови.
На ова Здружение му пречи тоа што наведените субвенции ќе ги плаќаат даночните обврзници, како и тоа што каматната стапка од три проценти е двојно помала од најниската каматна стапка за сите автомобили на пазарот. Тоа на купувачите би им обезбедило заштеди од 1.000 евра на камати.
Петровиќ, според медиумите, бил револтиран и поради тоа што Здружението минатата година на државата ѝ сугерирало да се воведат низа погодности што подеднакво би се применувале на сите типови автомобили и нивните застапници. Наместо тоа, државата одговорила со воведување погодности само за „Фиат“, што увозниците на автомобили на српскиот пазар дополнително ги огорчило.
Додека увозниците се во судир со Владата, министерот за финансии и стопанство Млаѓан Динкиќ минатата недела потпиша договор со управникот на компанијата „Фиат автомобили Србија“ (ФАС), според кој на граѓаните на Србија им се овозможува да купат автомобил „фиат 500 Л“ по поповолна цена од 10.900 евра, наместо 13.490 до 18.690 евра колку што чинат моделите на „Фиат“.
Откако почна производството во крагуевачките погони, „Фиат“ произведе и извезе 43.000 автомобили „500 Л“, а оваа година планира да произведе уште најмалку 110.000 возила.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.