| четврток, 6 декември 2018 |

Промоција на книгата со хаику „Дрво кое шепоти“ од Борис Митковски

Издавачката куќа „Антолог“ од Скопје в сабота (20 јуни) ќе ја промовира книгата со хаику „Дрво кое шепоти“ од писателот Борис Митковски. Промоцијата ќе се одржи во фоајето на киното „Фросина“ во Младинскиот културен центар со почеток од 21 часот.

Во книгата се поместени 150 хаику песни пишувани во последните неколку години, промотивна реч ќе одржат поетот и критичар Ѓоко Здравески и професорката по македонски јазик и литература Наташа Пешевска, творби од делото ќе изведуваат професионалните актери Роберт и Мими Ристови и Ивица Димитријевиќ, а вечерта ќе биде надополнета со диџеј сет.

-Она што е посебно интересно е тоа што овој источен мистичен холизам, базиран на зен-будизмот, кај нашиот поет се комбинира со теолошкиот, христијански принцип на созерцание. Така, може да се каже дека доаѓа до ретко успешна соработка на една источна и една западна религиозна философија во хаику творбите на Митковски. Сите негови хаику творби се всушност – богојавление, мал миг во кој срцето и умот го созерцуваат Бога, стануваат свесни за поврзаноста на нештата и за Оној кој ги создал. Во хаику творбите на Митковски, во навидум неповрзаните слики, се бара Он. И интересно е дека кај овој поет, колку се сликите подалечни, толку нивниот спој во целина е поефектен. Така, разликите стануваат привид, затоа што отсекаде се гласи Он, Творецот. На пример: Лозjе,/  орач,/ и Спасителот во тебе нов е, вели меѓу другото во својата рецензија Венко Андоновски.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top