Опасното крило на Киелце, Иван Чупиќ, е оптимист пред двомечот од четврт-финалето во Лигата на шампионите против Металург и вели дека полскиот тим е фаворит за пласман на фајналфор турнирот во Келн. Оптимизмот има подлога бидејќи Киелце двапати го победи нашиот првак во фазата по групи, но ова, сепак, се поинакви, нокаут-мечеви. Во два дуели се одлучува сѐ и нема шанса за поправен како што тоа беше во фазата по групи.
– Ние сме фаворити, но во Лигата на шампионите нема лесни противници. Целиот град е на нозе, луѓето овде живеат за ракомет и се надевам дека ќе го исполниме сонот, полска екипа да игра на фајналфор турнирот во Келн – вели Чупиќ. Тој ѝ зададе многу мака на одбраната на Металург во двата дуели и со 13 гола вкупно (8 во Скопје и 5 во Киелце) беше најзабележителен поединец на двомечот со нашиот шампион.
Киелце е хрватска мини-колонија со пет репрезентативци на „коцкестите“. Со Чупиќ, кој игра на позицијата десно крило, во составот се уште и левото крило Штрлек, пикерот Муса, десниот бек Бунтиќ и голманот Лосерт. Ако се додадат и Словенецот Зорман и Србинот Стојковиќ, јасно е дека се работи за полска екипа со југословенски шмек. Опасно за сите противници е и полското трио репрезентативци, Јурецки, Лиевски и Бјелецки, а имаат и одличен голман во Славомир Жмал.
Кај нив има и интересна приказна бидејќи двајца играчи имаат физички хендикеп. Чупиќ нема еден прст на десната рака по бизарниот инцидент во 2008 година. Прстот на кој го носи прстенот му се заглави во ограда и дел од него беше откинат. Уште поголема трагедија му се случи на бомбардерот Бјелецки. На пријателски дуел со Хрватска, во дресот на полската репрезентација, по еден дуел со Јосип Валчиќ го загуби левото око. И тој продолжи да игра, а исто како и Чупиќ пружа извонредни партии и покрај физичкиот хендикеп.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


