| четврток, 6 декември 2018 |

Снег во Хрватска, Босна, Словенија и во Унгарија

patista-sneg-debarЗимски услови се прогласени на многу патишта низ хрватското крајбрежје, во Горски Котар, Лика, Задар и во централниот и северозападниот дел на земјата, а на одредни патишта стапи во сила забраната за товарни возила.

Хрватските медиуми јавија дека се во прекин  траектните линии Лопар-Валбиска и Брестова-Порозина, како и од Сплит кон Брач, Хвар, Корчула, Ластово, Вис и Ријека-Раб-Новаља. Според податоците на Државниот хидрометеоролошки завод, денеска на копненото подрачје повремено ќе паѓа снег, најмногу во Славонија и во северозападното подрачје. Во северниот дел на Јадранот се прогнозира слаб снег, проследен со бура, а во Далмација врнежи.

И во поголемиот дел од Босна и Херцеговина изутринава е отежнат сообраќајот поради снег.

Предупредување е издадено особено за делниците во повисоките планински предели, каде што на патиштата има снежна покривка од два до пет сантиметри. На тие патишта за товарните возила со приколка и за шлеперите е задолжителна употребата на зимска опрема.

Во Словенија во текот на денот се прогнозира прекин на снегот, како и ослабнување на ветрот. Дневната температура нема да ја надмине нулата.

Повеќе од 700 странски камиони се запрени во југозападниот регон Зала во Унгарија поради сообраќајните рестрикции, воведени поради екстремните временски услови.

Автопатите М6 и М7 моментално се затворени за камиони со тежина поголема од 7,5 тони.

Портпаролот на Националната агенција за управување со вонредни состојби, Силард Банго, изјави дека околу 600 камиони чекаат на паркинг во областа Ленти Редич, а дека околу 100 камиони се наоѓаат во близина на Летење, долж автопатот М7.

Вработените во оваа агенција и хуманитарните организации им доставуваат храна и топли пијалаци на возачите од Словачка, Полска, Литванија, Чешка и Романија, од кои повеќето уште вчера мораа да го прекинат патувањето.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top