Еден ден во неделата директорите на Фондот за здравствено осигурување на Македонија (ФЗОМ) Сашо Стефаноски и Орхан Рамадани заедно со стручниот тим ќе го поминуваат работното време во подрачните служби низ државата.
Ова е новиот проект на Фондот, кој денеска го најави директорот Стефаноски од подрачната служба во Скопје.
– Идејата на ваквиот пристап е да ја зголемиме транспарентноста на Фондот, да ја подобриме ефикансноста на нашите вработени и да влијаеме на нашите вработени за забрзување на процедурите и за решавање на проблемите на нашите осигуреници за што пократко време – нагласува Стефаноски.
Информира дека одржале колегиуми со стручните служби, се сретнале со лекарските комисии што ги вршат процедурите на одобрување за боледувања…
Тој разговараше со вработените и изврши увид во работата со цел да се запознае дали има проблеми или тесни грла кои, како што рече, можат да се надминат веднаш, со одредени корекци во работата или со размена на идеи, со промена на одредени процедури во дел од правилниците што се предвидени во Фондот.
Одговарајќи на новинарско прашање, Стефаноски појасни дека лицата засегнати со Предлог-законот за дополнување на Законот за здравствено осигурување ќе бидат ослободени и од надомест за штета.
– Со ова измена на Законот очекуваме да се ослободат од кривично гонење огромен број на граѓани кои беа засегнати од овој проблем, како и да се запрат постапките за оние процеси кои се во тек, а и да се избрише правната последица за оние случаи кои се веќе кривично осудени – рече Стефаноски.
Се работи за околу 20 илјади граѓани, од кои за 12 илјади беа процедурите во тек или завршени, а за повеќе од 8 илјади требаше да бидат доставени предметите до основните судови за да се почне постапка за судски процес.
– Придобивката за граѓаните ќе биде голема. Со овој закон се решава нивниот проблем- рече Стефаноски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.