| четврток, 6 декември 2018 |

Компаниите најмногу донираат за лекување, спорт и за хуманитарни непогоди

донација

 Осумдесет и пет проценти од домашните компании досега немале никаква соработка со граѓанскиот сектор, а само 10 проценти од нив добиле барање за донација од некоја граѓанска организација.

Тоа го покажуваат резултатите од спроведеното истражување на ставовите, верувањата и практиките за прибирање ресурси и соработката меѓу граѓанските организации и приватниот сектор, презентирани во рамки на денешната Конференција за филантропија. 

Според истражувањето, речиси две третини од граѓанските организации не го гледаат приватниот сектор како извор на ресурси, иако дури 80 проценти од оние што побарале донации од компаниите добиле.

– Се чини дека соработката меѓу граѓанскиот и бизнис секторот во земјава е повеќе исклучок отколку правило – рече креаторот на истражувањето Ристо Карјаков.

Извршната директорка на здружението „Конект“, Никица Кусиникова, истакна дека постои голем неискористен потенцијал за донирање кај бизнис секторот, кој би можел да биде ставен во функција од страна на граѓанските организации во унапредување на благосостојбата на луѓето и постигнување општо добро. Како илустрација за ваквиот оптимизам говори податокот дека 50 проценти од бизнисите во нашата земја дале некаква донација во изминатата година (5 проценти во изминатите три години), а вкупниот износ за донации и спонзорства за остварување цели од јавен интерес во 2013 година надминал 10,5 милиони евра.

Најголем дел од донациите од компаниите (23,2 проценти) се наменети за помош при лекување, иако не е мала ниту поддршката што бизнисот ја издвојува за спортот (15,9 проценти), како и за помош на сиромашни (11,9 проценти) и справување со последиците од  хуманитарни непогоди (10,7 проценти).

Според учесниците на конференцијата, еден од начините кои би ги мотивирал компаниите, но и граѓаните, да донираат повеќе, се даночните олеснувања. Досегашните резултатите од истражувањата и анализите на ефектите од Законот за донации и спонзорства во јавните дејности кој ги одредува видовите и начините како може да се добијат даночни олеснувања, покажуваат дека постојат големи предизвици кои треба да се надминат за да се зголеми неговата ефективност во поттикнување на донирањето. Еден од тие предизвици е информираноста на корисниците за можностите што ги нуди законот. Две третини од компаниите не се запознаени со законот, а само 11,4 проценти од оние кои донирале ги користеле даночните поттикнувања. Скоро половина од граѓанските организации се изјасниле дека тој нема позитивен ефект, односно не ги поттикнува донациите од компаниите.

Податоците покажуваат дека во 2012 година само 47 граѓани искористиле даночно ослободување предвидено со Законот за донации, што претставува 0,02 проценти од вкупно поднесените годишни даночни пријави. Кај компаниите, од над 70 илјади правни субјекти, само помеѓу 500 и 700 компании годишно поднесуваат барања за даночни ослободувања по основ на реализирани донации и спонзорства.

Конференцијата за филантропија се одржа во рамки на проектот за креирање овозможувачка средина за финансиска одржливост на граѓанските организации, финансиран од Европската унија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top