| четврток, 6 декември 2018 |

Британија останува длабоко поделена околу референдумот за ЕУ

британија

Британските пратеници со големо мнозинство му дадоа поддршка на планот за одржување референдум за ЕУ, но домашната политичка јавност, како и Британците остануваат длабоко поделени околу тоа дали Велика Британија да остане и понатаму членка на Унијата, или да ја напушти.

Дури 84 отсто од 650  пратеници во Долниот дом на Парламентот, гласаа за планот за референдум, што според најавата на премиерот Дејвид Камерон треба да се одржи до крајот на 2017 година, што ги надминува и најоптимистичките предвидувања.
Само 53 пратеници, сите од редовите на Шкотската национална партија (СНП) беа против, но ваквиот резултат е последица само на промената во стратегијата на Лабуристичката партија.
Пред и за време  кампањата  за изборите на 7 мај, опозициските лабуристи зборуваа дека ќе гласаат против законот за референдум за ЕУ, доколку се најде во Парламентот, затоа што оваа партија е за останување на Британија во Унијата.По поразот на изборите, привремениот лидер Хариет Хармон одлучи да се измени ставот и соопшти дека лабуритите, сепак,  ќе гласаат за законот за референдум, согледувајќи дека тој и без нив ќе помине, а не сакајќи од сега да се предизвикаат делби во нивната партија, за ова прашање.
Тоа го потврди министерот за надворешни работи во владата во сенка, Хилари Бен,  кој рече дека лабуристичкиот глас за поддршка на планот за референдум не значи и согласност со заминувањето од Унијата.
Тој најави дека лабуристите ќе водат жестока кампања за останување на Британија во  ЕУ и ја обвини владата на конзервативците дека дава „измешани сигнали„ околу тоа- дали е за, или е против британското членство во ЕУ.
– Верувам дека премиерот Камерон е за, но тоа не може да се рече за другите, а посебно не може да се каже за многу од неговите пратеници кои се против останувањето во Унијата, рече Бен во текот на синоќешната шестчасовна дебата.
Пратеникот на СНП, Алекс Салмонд, поранешен прв министер на Шкотска, исто така, смета дека Камерон не е за напуштање на ЕУ, но тој верува дека целиот план околу еден ваков референдум е „политичка тактика„ наспроти силната антиевропска и евроскпетичка клима што е создадена меѓу ториевците.
Камерон веќе ги почна разговорите за „испитување на расположението на ЕУ“ околу британските барања за нови преговори меѓу Лондон и Брисел за останување на Британија во Унијата.Тој се сретна со претседателот на Европската Комисија, Жан Клод Јункер, а подоцна и со канцеларот Ангела Меркел, со францускиот претседател Франсоа Оланд, како и со премиерите на Холандија и Полска.Само од Берлин британскиот премиер доби спремност да се расправа за британските барања, пред се, околу ограничениот прилив на имигранти од ЕУ и нивниот лимитиран пристап до социјалните фондови во Британија.
Никој од ЕУ не сака Британците да заминат, после 42 години членство, но сметаат дека сите мора да ги почитуваат основите на кои се темели Унијата, иако повеќето немаат против да се преиспитаат спогодбите со кои се уредени односите.
САД кои дискретно набљудуваат што се случува на релацијата меѓу Лондон и другите во ЕУ, стојат на позицијата за останување на Британија во Унијата и таа позиција, претседателот Барак Обама му ја повторил на премиерот Камерон и на Самитот на Г7, одржан изминатиот викенд во Германија.
На внатрешен план, конзервативците кои го сочинуваат главното анти ЕУ јадро во британската политика, засега, немаат доволно гласови за својата антиевропска опција.Силно зад евроскептиците е само Партијата за независност на Обединетото Кралство (УКИП).Тие на последните избори обезбедија 13 отсто од гласови, но и заедно со гласовите на конзервативците, остануваат солидно под потребните над 50 отсто за успех на опцијата-надвор од ЕУ.
Шкотската СНП, која од почетокот е против референдум и против излегување од ЕУ, ги нема отворено сите карти, но претходно беше најавено дека ќе бараат од владата, за успех во референдумот да не се смета само броењето на процентите- за и против- туку и согласноста на сите делови на Велика Британија за евентуалниот излез од ЕУ.
Тоа значи дека за валидност на решението за излез од ЕУ ќе мора да се согласат мнозинството гласачи не само во Англија (каде е главнината на евроскептицизмот) туку и оние во Шкотска, Велс и Северна Ирска.
 Политички аналитичари во Лондон, предупредуваат дека доколку на референдумот победи опцијата за излегување од ЕУ, тогаш би требало да се очекува нов референдум за незавсност на Шкотска, каде огромно мнозинство од луѓето сакаат да бидат дел од ЕУ.Во тој случај, со сега силно засилената СНП, тешко е да се поверува дека Шкотланѓаните уште еднаш ке гласаат за останување во Велика Британија.
Последното мерење на расположението на Британците покажува дека 55 отсто се за останување, 38 отсто за заминување од ЕУ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top