Во текот на минатиот месец, според проектот „Македонија вработува“, во Прилеп аплицирале педесет работодавци и се остварени 70 вработувања, соопшти на денешната прес-конференција директорката на Центарот за вработување во Прилеп, Силвана Пашоска.
– Ова претставува мошне значајна бројка на вработени лица во рамките на проектот „Македонија вработува“ што се реализира од почетокот на мај. Се очекуваат уште повеќе работодавци да се пријават и да вработат нови лица. Инаку, фирмите веќе имаат поднесено оглас за вработување – рече Пашоска.
Проектот е надополнување на мерката за вработување на млади до 29 години и со него се опфатени сите старосни групи сѐ до пензионирање.
Градоначалникот на Прилеп, Марјан Ристески, истакна дека реализацијата на владините мерки се голема помош како за невработените, така и за бизнис секторот.
Проектот „Македонија вработува“ ги опфаќа речиси сите старосни групи невработени, оние до 35 години, лица од 35 до 50 години кои повеќе од 10 години се без работа, лицата над 50 години, како и лица од ранливите категории, примателите на социјална парична помош, самохраните родители, родителите на 3 или повеќе деца, децата без родители и родителска грижа и родителите на децата со пречки во развојот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.