| четврток, 6 декември 2018 |

Соросов печат на потписот на Заев

nenad mircevski2

Ненад Мирчевски

Еврокомесарот Јоханес Хан соопшти дека се договорени предвремени избори што ќе се одржат во април, другите детали ќе се прецизираат на 10 јуни во Брисел, каде што ќе биде ставен потпис на договорот. Други детали не слушнавме, сите други информации се во доменот на шпекулации пласирани со одредени цели, кои, сигурно, не се во насока на решавање на политичката криза. Главни шпекулатори беа Соросовите платеници и медиуми, кои повикувајќи се на дипломатски и на партиски извори од СДСМ се обидуваа да ја „доцртаат“ сликата. Прво се јави опозицискиот циркузант, кој во својство на „експерт“ за говор на тело утврди дека Заев имал „хепи фејс“, а тоа бил добар знак за опозицијата.

За подигнување на паднатиот морал и за одржување на високите очекувања барем до следната средба, Соросовата пропагандна машинерија не пропушти да сподели со јавноста и низа фотографии на Заев и на Пендаровски со широки насмевки нагласувајќи дека „биле расположени по средбата со Хан“. До тука е во ред. Но, чудно е што „хепи“ расположението во опозицискиот табор го урнаа истите тие Соросови медиуми, кои за само неколку часа успеаја да отпечатат куп анализи во кои преговорите ги прогласија за пропаднати. Однапред соопштија дека на 10 јуни нема да има никаков договор и покрај потписите на лидерите во Скопје со кои се обврзаа за такво нешто, а во исто време најавија нови протести пред влада и, што е уште поопасно, нови меѓуетнички судири! Која е потребата од вакви закани ако Заев, СДСМ и соросоидите се задоволни од текот на разговорите? Од друга страна, пак, ако договорот не е по мерак на опозицијата, зошто Заев правеше „хепи фејс“?

European commissioner Johannes Hahn helps with the political crisis in Macedonia

Едно од објаснувањата за хаосот во опозициските редови е дека Сорос сака по секоја цена, со силен притисок да го убеди Заев да не помисли да се откаже од барањето за техничка влада во која нема да биде Груевски. Но, проблемот е во тоа што никој не знае што сѐ договорил и прифатил Заев на средбата со Хан и од каде дојде тој изблик на задоволство? Оттука се наметнува прашањето што ако, сепак, во Брисел се постигне договор што нема да содржи формирање техничка влада? Ќе организираат ли соросоидите протести и против Заев? Ќе ги префрлат ли шаторите од пред влада на „Павел Шатев“? Ќе почнат ли да објавуваат бомби и за Заев? Ако се земе предвид дека повеќе денови наназад во нивните редови на големо се зборува за смена на лидерот на СДСМ, нема да не изненадат и вакви случувања во блиска иднина.

Во однос на зголемување на притисокот врз премиерот за негова оставка, Соросовите перјаници најавуваат втора, пожестока фаза на протести, која не исклучувала насилство врз институциите и врз полицијата. Прашање е само дали за ова сценарио имаат предвид дека овој пат имаат уште помала поддршка и од народот и од меѓународниот фактор. Исто така, не треба да заборават дека и во втора и во трета и во секоја нивна наредна фаза институциите и полицијата имаат примарна обврска да го спречат секое насилство, а насилниците да ги изведе пред суд.

Во најавите за насилното сценарио на Сорос, повторно атмосферата се подгрева со бомбата за случајот „Монструм“. Сепак, и тука не земаат предвид неколку битни факти. Во Куманово се потврди дека најголемиот дел кај Албанците не го сметаат Заев за фактор што би им ги подобрил животот и стандардот, а малкутемина што на почетокот му поверуваа, сега сѐ повеќе зборуваат со разочарување за неговата дволичност обвинувајќи го дека ги злоупотребува за политички цели. Истите тие постојано го потсетуваат и на ветувањата што ги даде преку албанските медиуми за федерализација на државата и за задолжително воведување албански јазик во градинките и во основните училишта на целата територија на Македонија.

Дали ќе се постигне договор за надминување на политичката криза или опозицијата ќе продолжи да ги држи во заложништво граѓаните и евроинтеграциите ќе дознаеме наскоро. По 10 јуни ќе биде јасна сликата кој е подготвен за промени и во која насока ќе тргне државата.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top