
Колумнист:
Ацо Станкоски
ГОЛЕМАТА ТРАДИЦИЈА
Претставувањето на женското тело (и ликот) почнува многу одамна, уште од праисторијата. Тоа се десетици милениуми уметничка пракса, од која произлегуваат мноштво парадигматични дела што го одразуваат човековото поимање на биолошката и духовната сила на жената (како идеал или како ласцивен објект за нагонско порамнување).
Крајната едноставност на темата и бескрајната инспирација што извира од женската феноменологија, ја прави оваа тематика жива, интересна и актуелна без оглед на времето и стилот во кој е создадена. Конечно, нејзината незаобиколливост е толкава, што како императив е воведена во уметничкиот едукативен процес на огромен број академски институции.
Од дистанца гледано, овој дидактички зафат на големо изненадување на многумина инволвирани во процесот, не води кон банализација на темата, туку кон некакво нејзино култно поставување во времето и просторот.
Денес уметноста на женскиот акт (па и актот воопшто без оглед на полот и возраста) е воспоставена како општоприфатено клише. Уметникот и актот попримаат скоро религиски својства; визија која е преземена од книгата на Постанокот од поглавјето за создавањето на човекот и жената (Адам и Ева).
Тука има чудесен супститут на човечкото и Божественото. Имено, Адам е поставен во позиција на супервизор и творец кои се атрибути на Севишниот. Секако овој однос не е така унилатерален, ниту пак деградирачки наспроти објектот на презентација, зошто восхитот на уметникот што го иницира ритуалот на вообличување сугерира на еден виш, неспознатлив фактор чија моќ на творење е совршена. Уметникот во овој контекст станува жрец или шаман што ја прославува неспоредливата сила на создавање на Неименливото и Бесконечно Битие. Така жената (како природно суштество – гола) станува најопсесивниот објект на претставување во уметноста.
Од времето на Вилендорфската „Венера“ па преку мегалитските скулптури во Архајските периоди од развитокот на човечката култура, преку древниот Вавилон, Египет и Персија, па се до западната антика распространета по целиот Медитеран, древната кинеска, јапонска и Хинду традиција, пред колонијалните примитивни култури од Африка, Америка и Океанија (големата инспирација на модернистите), воздржаното и суптилно средновековие кое дури и во траорните сцени на мачеништво успеваше да протне по малку телесен инкарнат, да се наврати на старозаветните теми како алиби за малку голотија (протерувањето од Рајот), потоа нововековниот период на европската култура, почнувајќи од ренесансата (тој антички анахронизам или ривајвл), кога уметноста на голотијата експлодира во еден голем цивилизациски стил и се рашири низ целиот тогашен христијански свет, вклучувајќи ја и православна Русија, посебно од времето на Петар Велики.
Ренесансата и нејзините идеали станаа првиот универзален уметнички концепт на западната култура. Овој концепт ќе владее со западната уметност цели 5 века, а неговите творби ќе ја возвишат европската цивилизација до непоимливи компаративни нивоа. Во склопот на овој не секогаш праволиниски и иреверзибилен процес на создавање се иницирани многу варијации на ренесансните миметички, објективни и индивидуалистички принципи на творештвото (маниризмот, барокот, класицизмот, романтизмот, реализмот и импресионизмот) кој по илјадагодишната спиритуалистичка апстиненција по прашањата на телесноста, експлодираа во мноштво ремек – дела кои пак од позициите на својата фасцинантност го иницираа идеалистичкиот концепт на генијалноста повторно реинкарниран од античката духовна оставнина.
Културната и уметничката интеракција во колонијалниот период на европската историја ги рашири овие вредности и креативни принципи низ целата планета. Објективниот стил на изразување не само што создаваше естетски восхит туку стана и средство за документација (визуелна) при многуте истражувачки потфати на Европејците. Антрополошките студии на домородните мажи и жени од егзотичните подрачја на светот, внесоа еден нов однос кон „предметот“ на вообличување, еден нов саинтифички дистанциран и зачуден однос кон објектот и темата на уметничката обработка.

Во периодот на романтизмот (по Наполеоновите авантури) голите жени станаа персонификација на идолите од новата европска религија – секуларизмот и рационализмот, кој изби како гејзир на европската интелектуално – креативна сцена, по Француската буржоаска револуција и класицистичкиот – неопагански сентимент како спиритус агенс. Сепак корените на сиот овој занес се во ренесансата и нејзините антички креативни ресурси.
Разголените гради на жената што ја симболизира граѓанската слобода (што во некој контекст би реферирало на сексуалноста), од монументалното и револуционерно (пост – фестум) дело на Ежен Делакроа – „Слободата го предводи народот“, со својата реалистичност и сугестивност (како да се работи за филмска сцена) ја внесува „современоста“ во политичко – историски смисол и создава актуелно пропагандистичко дело. За да добие делото вонвременска вредност уметникот внесува, висок степен на естетичност, но и посегнува кон една тематика (женскиот акт) за која е свесен дека поседува неограничени капацитети на претставување и интерес. Либидото е возвишено до врвните сфери на моќта (Државата).
Во периодите на импресионизмот кој е всушност (од денешна перспектива) најграѓанскиот стил што класичната култура на Европа можеше да го изнедри, моќта на либидото е вратено во интимните сфери или во природата како цивилизациска интервенција или куриозитет. Токму ваквата деидеализација на еротските моќи на голото женско тело (почнати уште со реализмот на Г. Курбе) предизвикуваат општествено – културна реакција од сеуште феудалната по менталитет буржоазија од раното индустриско доба во заминување. Делата на Дега, Реноар, Мане како да ја иницираа порнографијата во уметничкиот дискурс.
Оваа „Порнографија“ не беше ништо друго освен една ингениозна и бескрајно суптилна сугестивност што го прикажуваше објектот (женскиот акт) во целата своја природна и културолошка присутност, внесувајќи ја публиката во рољата на воајер. Хроматските и илуминативните вибрации (позајмени уште од времето на Веласкез, Рембрант и Вермер – XVII век) го динамизираа магичниот предмет на желбата до еуфоричните магми на хипнотичкиот занес. Убавините на живеењето. Аркадиското сликарство од времето на раната фотографија и тукушто појавениот филмски медиум. Сепак, главниот фактор за појавата на овие нови медиуми – „Kamerata obskura“, е позната уште во периодот на Високата ренесанса. Фотографијата и филмот ја преземаат и создаваат сосема нови и автентични естетски светови од тематиката на женската голотија.
За тоа време сликарската уметност влегува во својата најголема авантура во последните неколку века. Имено, таа повторно транзитира кон едвај видливата или невидливата реалност која е тука присутна, но невозможна за било каква материјална објективизација.
Од друга страна, интеракцијата на дивергентните цивилизации и културните осмози на колонијализмот, создадоа еден нов восхит кон егзотичните (примитивни) дела, кон нивната експресивна сила и субјективниот длабински печат. Делата на постимпресионистите и нивните следбеници – модернистите здушно ги внесуваа овие искуства во новата европска уметност. Голите жени на Гоген или Сезан внесуваат нови далекусежни перспективи во древната традиција на женскиот акт.
Овој, за некои – мистички пристап кон креативноста и ја враќа долго одземената слобода на уметноста и повторно ја внесува нејзината суштина во најневините делови од нејзината историја – во праисторијата, во примитивноста. Како некој да ги реактуелизирал идеите на Ж. Ж. Русо од пред век и пол.
Но, уметноста во својот еволуционистички процес може и да „регресира“ како впрочем и општеството (Џ.Б.Вико), и ваквиот тек на настаните мобилизира огромен број на критичари чии најбитни обврски се моралистичката доктрина и цензорската пракса, што најсоодветно ќе се изрази во периодите на комунистичката и нацистичката естетичка идеологија.
Во овој контекст и комунизмот и нацизмот стануваат зона на реакционерна култура која не може и, одбива да го следи авангардниот уметнички процес исполнет со за нив непоимлива естетичка деструктивност. Делата на модернистите од типот на Матис, Пикасо, Сутин, Модиљани, Кандински, Кирхнер, Кле, Маљевич итн, беа прогласувани за дегенерирана уметност; сходно на големата изложба од 1937 год. кога нацистите подготвија една неверојатно комплексна презентација од саинтифички тип, со акцент на стилската компаративност и антрополошките аспекти, чија цел беше да се егализираат делата на уметниците – авангардисти, творците од примитивните делови на планетава и душевните болни од германските здравствени институции од тоа време. И тука еден голем дел од експонатите му беше посветен на голото женско тело.
Сепак по историскиот дебакл на тоталитарните режими, авангардистите зацарија со планетарниот културен простор, кој го исполнија со своите теориски платформи и уметнички дела. Уметничкиот тек на релевантните естетички стратегии од тоа време (по Втората светска војна) влегоа во еден нефигуритивен и нерепрезентативен начин на истражување. Тоа е времето на апстрактниот експресионизам и енформелот, кои од оваа перспектива делуваат утописки, но и покрај догматиката на „неприкажувачкото“ овој период остави значајни актови зад себе. Како оние на Де Кунинг (жени) на пример. (продолжува*)
*Продолженијата од фељтонот Епифанија и Епигонија ќе бидат објавувани секој понеделник
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


