В четврток во клубот „Менада” на влезот од скопската чаршија, со почеток во 20 часот, ќе се одржи промоцијата на книгата „Исповедни финеси“ на авторот Влатко Галевски, a промотор на делото ќе биде професорот Ферид Мухиќ.
Се работи за 107. издание во едицијата „Проаза“ на издавачката куќа „Или-или“, кое излезе од печат минатиот месец, за време на Саемот на книга во Скопје, кога авторот Галевски на штандот на издавачот и ги потпишуваше првите примероци за читателите од своето прво прозно издание.
Книгата содржи вкупно 30 финеси, и секоја од нив е уникатна, лична, шармантна, заводлива, сигестивна.
Фотографијата на корицата е на Мартин Галевски, дизајнот го изработи „Бригада“, а излегувањето на книгата финансиски е поддржано од Министерството за култура на РМ.
Во поговорот за книгата насловен Шармот на автентичноста, г. Мухиќ напиша: „Со ’Исповедни финеси‘ Влатко Галевски формулира едно апсолутно исклучително и исто толку потребно стојалиште на обновен респект за автентичноста на нашиот сопствен живот. Длабоко сум убеден дека книгава што ја држите во рацете спаѓа во онаа хуманистички инспирирана и естетски афирмирана литература од рангот на Саројан, Селинџер, Ефраим Кишон, а којашто одигра витална улога во самопочитување на цели генерации“.
Галевски e роден е 1949 година. Студирал правни науки и музика. Филмски критичар. Дваесет години член на Oктет Македонија (баритон). Пет години уредник на видеоизданијата на „Македонија филм“. Од 1993 до 1998 година уредник на филмската програма на телевизија „А1“ и автор на емисиите „Синема“ и „Синеманија“. Вокалист во музичкиот проект „Октоехос“. Продуцент, директор на фотографија и коавтор на музиката во филмот „Маклабас“, член на ад-хок групата FYROM Experiment. Автор на книгата „Фацерија“. Актер во филмот на Ацо Станкоски „Самит на шаманите“. Дваесет години автор и водител на емисијата „Слушајте филм“ на (Радио УНО, Македонско радио, Радио Равел) Радио Метрополис. Уметнички соработник на Македонската филхармонија за четири концерти на филмска музика. Член или претседател на неколку филмски фестивалски жирија (Браќа Манаки, Астерфест, Синедејс, Македокс). Автор на повеќе од 600 филмски рецензии. Од 2001 до 2011 година уредник за култура и уметност во магазинот „Форум“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.