Бег Ризај, еден од водачите на вооружената група елиминирана во Куманово, беше помпезно и како херој погребан во Дечани. Пред ковчегот покриен со националното знаме стоеше построена почесна гарда облечена во униформи на УЧК, а освен многуте граѓани, почит му оддадоа и дел од пратениците на Алијансата за иднина на Косово. Во целата слика недостигаше само лидерот на СДСМ…
Присуството на Заев на погребот на терористот Бег Ризај се наметнува логично, особено по најавите за ново отворање на Охридскиот рамковен договор, идејата Македонците уште од градинка да учат албански и решавање на името со модел на мултиетничност?! Улогата на поголем Албанец од Ахмети ја заигра самиот Заев, па редно би било да ја доврши… Токму затоа, недостигаше неговото присуство во Дечани, а за склопување на целата слика, беше потребно и едно драматично и со лелек фрлање по ковчегот на Ризај. Ова, дефинитивно, ќе ја завршеше прикаската за Зоран Скендер-бег. Или Агим?
Агим „се роди“ поради „Фејсбук“ и лошата математика?!
Пред точно една недела, Зоран стана Агим. Но зошто токму Агим? Замената на името, која самиот лидер ја наметна од немајкаде и во длабока тага предизвикана од математичката мака, ја објаснува ономастиката – науката за потеклото и за значењето на имињата. Името на лидерот на СДСМ е од словенско потекло и има многу едноставно значење, кое јасно произлегува од него. Зоран значи зора, утро, раѓање на денот. Неговиот пандан кај Албанците е токму Агим, име што го има истото, идентично значење со Зоран. Ономастиката завршува овде. Причините за промената на името од Зоран во Агим, пак, влегуваат во сферите на психологијата и на политикантството создавајќи ендемска комбинација на услови и на необјасниви предиспозиции за оваа неверојатна ономастичка трансформација.
Мошне веројатно, голема улога во менувањето на името имаше токму „Фејсбук“. Не Цукенберг, туку илјадниците лажни профили што секојдневно ѝ даваат поддршка на лажната левица. Поведена од бројката на „Фејсбук“, врхушката се осмели и израдува, па довчерашниот Зоран излезе со храбра прогноза за 100.000 демонстранти на 17 мај. Да, сите тие 20.000 со своите, по минимум пет, лажни профили беа 100.000, но само на „Фејсбук“. Реалноста, пак, ја забрза неговата трансформација во Агим. Соросовите филијали се обидоа со извртувања да го пополнат недостигот од „само“ 80.000 луѓе, Шекеринска и со фотографии од протести во други градови, но знаејќи ја болната вистина, лидерот својата душевна болка ја намали со зголемување на влогот кај идниот коалициски партнер, кој и да е, кога и да е. Очигледно, кога ви се закануваат неколку судски процеси, што за насилно преземање власт, што за мито, а во меѓувреме јасно гледате како едно „восочно“ лице бесрамно се мести пред вас да ви го земе тронот, средствата што ги користите за преживување стануваат сè побескрупулозни. Па, се работи за вашата кожа нели…

Пропаднаа „бомбите“, па протестите, што е следно?
Присуството на неколку илјади Албанци на протестите, споредени со бројката на Македонци, која ги разочара и ги фрли во депресија лидерите на опозицијата, помогна во неговата одлука за промена на името, не само на државата нели…
Отворената поддршка на 113. бригада на УЧК на митингот на СДСМ и максимално позитивните реакции на радикалните Албанци во Македонија и пошироко ги раздвижија заспаните и одамна неупотребени сиви ќелии. Повторно погрешно, како и секогаш. Сето тоа се надоврза на „фантастичните“ реакции на неговите насмеани самофотографирања во Куманово, два дена по смртта на осумте бранители. Позитивните одгласи што дојдоа наспроти максимално негативните од македонскиот блок, очигледно, ја решија прикаската.

Соочени со две јавни шлаканици по ред, слабиот одѕив на референдумот во Центар и катастрофалниот одѕив на митингот што самите го претставија како настан од типот „да се биде или не“, а се покажа едно големо „не“ во форма на очигледен показател дека некој нема абер од критичка маса за какви и да е промени, ни на улица, ни на избори, врхушката го побара спасот кај Албанците. Поведени од својата практика, колку и да е докажано погрешна, и на овој етникум му се „приближија“ преку лажни ветувања. Овој пат не вработија по еден член од секое семејство, туку им ги понудија сите работи што ниту тие самите не ги посакале. Чуму обичниот, современ Албанец од Тетово би посакал Македонецот во Берово да учи албански од градинка? Поверојатно би сакал подобро платено работно место. Со Рамковниот албанската заедница доби многу, но дури ни Ахмети ни Тачи веќе не ги лажат своите гласачи со негово „исполнување“. Се вработи сè што можеше да се вработи, па логично е дека не можете да исполните нешто што е веќе исполнето или пред крај. Или можете, но само ако сте Заев или Рама.

Заев на иста линија со Рама
Случајно или не, а во политиката „случајноста“ се толкува како начин на кој скришно се дејствува за нечии цели, Заев се најде на иста линија со албанскиот премиер Еди Рама. Само два дена откако Рама во Тирана најави вето за Македонија во НАТО: „Македонија не може да биде членка на НАТО без гаранција за остварување на Охридскиот договор“, македонскиот лидер најави подлабоко навлегување во договорот образложувајќи дека сите досегашни влади недоволно се залагале за него. Индикативно, но СДСМ беше една од ретките македонски партии што воопшто не реагираа на заканите на Рама, а тоа го направија партии и политичари и од Албанија, настрана што на крајот се покажа дека албанскиот премиер само сонил можност за блокада на соседната држава. Шегобијците на социјалните мрежи блискоста на Заев и на Рама ја ставија во контекст на „пријателската држава“, која треба да ги заштити него и Зоран Верушевски при правењето пуч во Македонија. Се работеше за „западна“ држава со сестринска т.е. социјалистичка Влада. Рама ги исполнува сите „услови“ на Заев, но вистинскиот проблем е во автомобилот на Верушевски. Многу веројатно, „бедната“ „ситроен ксара“ на поранешниот разузнавач би можела да стигне до Албанија без потреба струмичкиот филантроп да му купи друг автомобил… Или „ксарата“ била во толку лоша состојба?
Поголем Албанец од Скендер-бег
Улогата на поголем Албанец од Ахмети, Тачи, Османи, Села, па и од Харадинај, Лега, Нишани и од Бериша е само една од многуте ролји што лидерот на македонската опозиција ги испроба овие неколку месеци. Таквата работа би била повеќе од напорна за кој било холивудски актер, но не и за нашиот новопечен Агим. Лидерот и така веќе докажа дека има илјада лица. Залудно Груевски се сретна со папата, кога дома, во самата Македонија има вистински спасител, „црпнат“ од нивите во Муртино, со јасна мисија за ослободување на државата, третата ролја Че Гевара, која не му успеа поради нереволуционерниот „багаж“ од 12 милиони евра, вили во Грција итн. Ролјата на спасителот и на маченик, пак, е втората неуспешна улога, а пред и по неа опозицискиот лидер се „навежба“ со обидите да биде Сноуден, па уценувач на премиери, чесен градоначалник итн… Најновата шега на социјалните мрежи е препораката до него да ја прочита „Калеш Анѓа“. Луѓето на „Фејсбук“ изразија страв дека лидерот може да ја смени и верата…

И по Пендаровски, Заев
Минусот од цели 80.000 од посакуваните демонстранти влијаеше поразително. Не залудно Заев излезе со статус на „Фејсбук“: „ Ние не сме бројка, ние сме идеја за слобода“. Идејата е јасна – уште едно лошо вадење на ситуацијата. „Револуционерите“ задоените со елитизам, создадени, раснети и кроени според прототипот на папата, повторно не издржаа да на ја покажат својата кастинска самозамислена „надмоќ“. Само неколку дена пред Заев, стручњакот за сточарство, Пендаровски, зборуваше за трла и за овци, засилен со безобразните коментари во живо на „најдобриот“ министер за внатрешни работи во историјата на државата. Соочен со своите најсилни противници за тронот, особено со восочниот сточар, лидерот мораше да се приклучи кон прикаската. Така, „револуционерот“ повеќето од 90 илјади луѓе пред Собрание ги нарече „бројки“, сè само за да се испере за сопствената немоќ да собере барем толку колку што собра неговиот политички гуру Црвенковски во 2011 година. Главниот „отпорник“, а според многумина и сегашен главен сценарист и лидер во сенка, тогаш собра повеќе од трипати од штитеното и аболицирано чедо, кое сега, според сопствените зборови е „идеја.“

Бранко „а“, Агим „на“…
Доказ дека СДСМ е редок исклучок од правилото дека сè тече и сè се менува беше најавеното и остварено од двајцата папочно и аболициски поврзани политичари. Папата бледо најави, а новиот лидер без никаков поговор и со нескриен елан навлезе во остварување на бараното. Токму „Република“ пред два броја праша: Бара ли Бранко нов Рамковен договор? Во последното интервју на иконата на социјалдемократите, кој требаше, но не успеа, да донесе илјадници демонстранти на 17 (или можеби успеа, факт што уште толку ја „убива“ улогата на Заев) токму Бранко Црвенковски беше тој што предупреди дека „….На Македонија ѝ е неопходно едно редизајнирање и редефинирање на целиот општествено-политички и економски систем. Тоа ќе биде макотрпна работа. Сложена работа…“ Прашањето тогаш беше дали БЦ прејудицира нов Рамковен договор. Сега, со дејствувањето на неговиот штитеник, кој побара албански од градинка, вмешување на Албанците длабоко во процесот за името (процес што повторно „случајно“ сериозно го разниша со „бомбите“ за преговорите, кои ја израдуваа Атина) и отворање на Рамковниот договор, прашањето станува беспредметно. Единственото прашање е дали тој некогаш ќе добие шанса да го спроведе тоа. За тоа, пак, на избори, кога и да бидат, ќе решат Македонците. Албанците повторно ќе гласаат за Ахмети, Тачи… „Рибата смрди од опашката“ – изјави лидерот во еден од своите бисери и, за промена, погоди. Во моментов, тој е на опашката. На многу опашки…
(Пишува: Љупчо Цветановски
(Текст објавен во 143. број на неделникот „Република“, 29.05.2015)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


