Граѓаните на Република Македонија се вовлечени во сценариото на СДСМ и на Зоран Заев. Не дека се многу потресени од нивната реторичка „офанзива“, ама не им е сеедно што опозициската стратегија вклучува постапки што се одразуваат врз нивните секојдневни активности, што фрустрираат…
Најголем дел од граѓаните не се согласуваат со идејата на СДСМ дека првото утринско кафе треба да го испијат на теферич (во шаторите) пред Владата! Оттаму, не сум сигурна дека мнозинството граѓани што ја избраа актуелната власт, но и неутралните, реалномислечки граѓани, ќе им го простат узурпирањето на Илнденска (блокираат важен сегмент од сообраќајниот крвоток во градот) поради нивниот каприц – место дебатирање во законодавниот дом, булеварот пред Владата да го претворат во забавно-политичка арена на шпекулативни надмудрувања: – кој колку повеќе вистини ќе изврти, кој колку повеќе ќе го навреди народот, владата… Ама, затоа, апсолутен молк за антинационалното, предавничко однесување на нивниот предводник (З.З.), кој се расфрла / тргува? / со нешто што не е негова своина, а е наша светост – македонската држава! Не созреа / а /, и тоа е тоа!
Исто така, не верувам дека мнозинството граѓани ќе им простат што децата им ги поттикнаа на протести /дефинирани според опозициските стратегиски политички потреби?! / против учењето (математика, екстерно тестирање…), губејќи драгоцено време во „младешките дружби” во шаторите пред МОН; беа ли претходница на камперството на постарите / можеби и нивни родители / пред Владата?!
Не сум сигурна дека ќе им биде простено и тоа што, поради нивното деструктивно однесување и постапки, земјата може да претрпи сериозни економски штети од аспект на инвестиции, извоз, реализации од туризмот…
А, верувам, никако нема да им биде простено ниту тоа што со хаосот што го креираат, создадоа / создаваат погодна клима за дејствување на непријателски и антидржавни елементи, што не толку одамна нѐ чинеше осум скапоцени животи и голем број ранети македонски бранители!
Главна стратегија на врхушката на СДСМ и на нејзините поддржувачи е одржување континуирана тензија во државата – преку протести на разни групации! Тие, и нивните советодавци во ликот на некои новинари, „аналитичари“ и професори, кои чувствувајќи се недоволно експонирани во државата (без суштинска причина, зашто имаат личен професионален статус), место поддршка на современите демократски принципи, почитување на демократските постулати, реализација на политичките претензии по легален пат, преку сериозна и реална понуда за подобар живот на граѓаните во државата, преку дејствување во легалните институции на општествениот систем – овие луѓе нудат силеџиски начин на наметнување на сопствената волја и критериуми, едноставно кажано – подбуцнувачи! Одат дотаму што заради свои потреби пропагираат дури и промена на општественото уредување на државата, сакаат некаква чудна Македонија, во која однапред ќе се знае / л победникот – се разбира – ниво протеже (protégé)! Какви „демократи, какви габаритни демократски умови, Q индекси“?!
Го бараат државниот трон! Им недостига зградата покрај Вардар! Ја сакаат власта! Сакаат легалната Влада да им го отстапи владеењето во државата! Затоа протестираат, се расфрлаат со разновидни каприциозни флоскули, реторичка девалвација на сè во државата!
Сакаат Владата да си даде оставка?! Ама нивниот (и на нивните поддржувачи) најголем, реален проблем е всушност – премиерот Груевски! Знаат дека тој (со неговите соработници) е столбот на успешниот (економски и секаков) развој на државата, во рамките на можното, дека е човекот, во кого народот има најголема доверба поради сето тоа што се реализира, за сето тоа што се гледа, доживува или чувствува како позитивен напредок во земјава! Народот (крајно омаловажуван и потценуван од опозициски лица) им верува на своите сетила, мудро оценувајќи ги и добрите, и несоодветните постапки и на власта, и на опозицијата, така што, одлуката, таква каква што е – доверувањето на власта во државата на избори токму на ВМРО-ДПМНЕ и нејзиниот водач – Никола Груевски, е од реални – не од некакви сентиментални причини!
Откако предизвикаа (политички) хаос во државата, сега – ќе направеле напор, ќе седнеле на маса?! Ќе му дале шанса на политичкиот дијалог? Пироманска тактика – предизвикај пожар – па нека го гасат?! Што подразбира СДСМ под поимот политички дијалог? Исполнување ултимативна волја и желби отелотворени во преодна влада?! Ама, оваа нивна посакувана форма има едно-единствено значење – преземање на власта на нелегален начин, узурпација, во демократските земји незамислив преседан! Сакаат ли нашево општество да го претворат во (некаква) дива лига базирана на беззаконие?! Со сопствени приказни, и реторички бомби до власт. Неразумно! Верувам дека ниту еврокомесорот Јоханес Хан, ниту кој било друг сериозен европски политичар (секако и Ричард Ховит?!) со улога во посредничка / та мисија (изнудена од опозицијата) ќе си дозволи да се спушти на нивото на неодговорните политичари од македонската опозиција, да ја прифати нивната антидемократска игра…
Кога веќе прифатија посредништво (во наметнатата ситуација), македонските граѓани очекуваат реален пристап на Европејците од Брисел; така, како што би постапиле каде било на друго место во нивната (европска) средина – почитување на јасно изразената, повеќе пати потврдувана изборна волја на народот! Народната волја е императив во целиот демократски свет!
Република Македонија е и стабилна и силна, и слободна и демократска! А, таа група на самонаречени демократи, кои демократијата ја толкуваат според своите потреби, декларираат „булеварска“ слобода и права што ќе им ги врателе на граѓаните… Ама има еден проблем… според нив, не сите во државата – се граѓани… како нивните… Тие другите, мнозинството, не се тоа… Но, подобро да не ја довршам мислата / реченицата за да не ги плагирам нивните „демократски изуми“ на нивниот, засега имагинарен пат кон власта!
Еднаш веќе напишав, и ќе повторам – сдсмовското водство и нивните поддржувачи калкулираат со мирот во државата; ја саботираат Република Македонија! Но, граѓаните, тие другите, 500.000 и повеќе… тоа нема да го дозволат! Народот преферира содржајна, творечка слобода и демократија; не, реторичка!
Во меѓувреме, нашиве “демократи” можат да продолжат со својот нов манир – кафе, забава и з… на теферич, пред Владата, покрај Вардар…
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.