| четврток, 6 декември 2018 |

Отворена изложба на Владимир Темков во Крива Паланка

Во галерискиот простор на Центарот за култура во Крива Паланка од среда, 27 мај, е отворена изложба на дела од академскиот сликар Владимир Темков.

– Изложбата на Темков во Крива Паланка е овозможена во рамки на проект поддржан од Министерството за култура на Република Македонија. Темков е истакнат уметник од Тиквешијата кој зазема сѐ повисоко место во македонското сликарство и чест ни е да биде претставен пред љубителите на уметност од нашиот град – рече на отворањето Вања Јакимовска, раководител на ликовно-галериската дејност при НУЦК од Крива Паланка.

Изложбата содржи 25 дела на Темков, дел од неговата серија слики за птиците, работени во техника масло на платно.

– Темков има направено антологиски платна од кои проблеснуваат извиените, префинети форми на овие летечки и нежни суштества, а низ поврзаноста со драстичниот колоритет тие создаваат оригинална меланжерија чијашто градба никогаш не завршува и секогаш е пријатна за доживување. Тој е модернист кому му се блиски слободните форми преку кои со неочекуваниот колорит ги надополнува вештите креации на мајсторскиот цртеж – истакна Јакимовска.

„Птиците“ на Tемков ќе бидат изложени пред кривопаланечката јавност во следните десет дена.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top