Во рамките на манифестацијата „Велес-Град на културата 2015“ во Градската библиотека „Гоце Делчев“ во Велес беше промовирана книгата „Куќички“ од Марина Мијаковска.
Пред присутните книгата ја промовира Блаже Миневски, кој појасни дека станува збор за дело што се чита со градителски ентузијазам, со длабоки емоции на создавањето.
– Ова дело влегува во пописот на позначајните остварувања на поновата македонска прозна продукција. А познато е дека секое дело е книга, но не секоја книга е дело, па затоа и Пруст во една прилика ќе рече дека има писатели што се подобри од својата книга, но и тие книги не се книги. Затоа клучно прашање за фундирање на современ естетски критериум е прашањето која книга е уметничко дело, одговорот е само она што носи естетска информација, на таа може да се измери само со читање и читање – нагласува Миневски.
Марина Мијаковска е автор на стихозбирките „Номадска душа“, „Антолог“, „Куфери“ и „Психоаналитичка алхемија од страсти“. Добитничка е на наградата „Караманов“ во 2013 и на наградата „Крсте Чачански“ за 2014 за ова свое најново дело „Куќички“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.