Во Галеријата КО-РА вечерва (26-ти мај) биде отворено 32-то издание на изложбата „ДЛУМ Графика“ – проект на Друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ).
На изложбата со свои дела ќе се претстават македонски графичари, членови на ДЛУМ, а целта е промовирање на графичката ликовна сцена во Македонија.
Покрај традиционалната награда за најдобро ликовно графичко остварување, ДЛУМ првпат оваа година ќе додели и награда за најдобар млад автор – графичар. Двајцата победници ќе добијат парична награда, а најдоброто ликовно графичко остварување ќе биде наградено во форма на организирање самостојна изложба од страна на ДЛУМ.
Според организаторот традиционалните техники на високиот и длабокиот печат, како и денес зголемената и честа употреба на дигиталното печатење ја прават оваа манифестација значајна за ликовната култура во Македонија.
Еднакво на сите досегашни изложби и 32-то издание изобилува со современи размислувања, кои, пренесени на графички лист го носат печатот на времето. Овогодинешното издание „ДЛУМ Графика“ е прва изложба која е реализирана од новото Управно тело на ДЛУМ.
– ДЛУМ работи интензивно на развојот и динамизирањето на активностите зацртани во програмата за работа. Изложбата на графичари ја поставуваме и оваа година – традиционално, со идеја таа да ја преточиме во меѓународно издание од идната година, изјави Христијан Санев, претседател на ДЛУМ.
Изложбата „ДЛУМ Графика“ ќе биде отворено до 8 јуни 2015 година.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.