| четврток, 6 декември 2018 |

Морал и волја

Ацо Станковски

Ацо Станковски

Поаѓајќи од насловот на култната книга на американската масонерија, со наслов „Морла и догма“, чиј незаборавен голем мајстор беше нејзиниот автор Алберт Пајк, податно е да се анализираат одредени аспекти на македонското псевдореволуционерно милје, токму во контекст на референците што секој американски слободен ѕидар ги има на ум во своите потфати. Имено, волјата без морална подлога е вистински идиотизам и губење на драгоценото време при било каков радикален општествен потфат, во смисол на менување на хиерархиските низи на владеењето, но и моралот без волја и цврсто убедување во идеалот или праведноста која треба да се воспостави, е една недоветна и крајно непродуктивна состојба, која резултира со стагнација, па дури и хибернација на сите конструктивни обиди за подобрување на општествено-политичкото милје во една држава или регион.

Затоа моралот и волјата треба да бидат иманентни при општествената акција и да резултираат со непоколеблива интенција, при која протагонистите ќе имаат силна и несрушлива аргументација за нивните барања, а личниот пример на цврста визија и неискомпромитираност на етички план да бидат несоборливата одбрана при сите обиди за борбата со узурпаторите на моќта.

Но, овие принципи во случајот на македонската обоена или, ако сакате, „бекатон револуција“, со целото нејзино инфантилно и непринципиелно шаренило, не само што воопшто не постојат, туку нема ни обид тие да се изложат на виделина и низ нивната незаобилколивост да се проблематизираат или, барем, нотираат овие столбови на секоја револуционерна акција или забрзана реформска револуција на системот.

Затоа сета ова шарада почнува да потсетува на еден помодарски политички циркус, во кој нема никакво допирање на реалната проблематика во системот.

Наместо протагонистите на оваа гротескна псевдореволуција да се зафатат со длабинска анализа на прудентноста и ефикасноста на системот, да ги определат грешките и нефункционалноста на бројните промашувања во законодавството и, сходно на тоа, да искреираат нови и посовршени решенија, но и проекти на ниво на сите аспекти и сегменти во општествениот систем, кој најпрво и, пред сè, би се решавале во институциите на системот за кој опозиционерите добија респектибилни 280 000 гласови на минатите парламентарни избори, тие влегуваат во еден аутистички и солипсистички дискурс, кој не само што не носи резултати, туку ги уништува и темелите на државата, функционирајќи по принципот – „што полошо му оди на општеството, толку условите за нашето приграбување на власта се поповолни“.

Но, ваквиот став, без трошка одговорност за целокупното општество, е, во најмала рака, потценување на граѓанството, тие акции се хазардерски, неодговорни, злобни, егоистички, иритирачки и, наместо да ја окрупнат опозициската маса, тие создаваат огромен одиум и недоверба кај народот, кој во огромна мера останува тотално незаинтересиран за личните амбиции и политичките кариери на овие профитни псевдореволуционери, овие хипокрити, овие апатриди и, во секој случај, непријатни појави на македонската современа политичка сцена.

Конечно, протагонистот на оваа ајвар-револуција, водачот на опозицијата, уште на стартот, со неетичкото упаѓање во приватноста на телефонските разговори на македонската владејачка гарнитура, покажа една голема бессловесност и реваншизам по секоја цена. Доколку овие разговори се навистина едитирани (монтирани) по принципот на тенденциозно оцрнување на прислушуваните личности, што е само по себе едно мизерно и крајно подмолно водење на политичката битка, а сето тоа многу брзо може да се докаже со една добро изведена експертиза на компетентните стручњаци за тонска обработка на аудио материјали, тогаш овој неморален и тотално нечовечки обид за дискредитација на жртвите на прислушувањето треба да го означи непобитниот и беспоговорниот крај на политичката кариера на лидерот на опозицијата, но и на неговата камарила, воедно повлекувајќи и правни последици во согласност со кривичниот закон на Република Македонија.

Но, тоа не е сè. Во овој барабан на силни и неотповикливи граѓански обвинителни акти треба да се најде и медиумскиот ланец, кој дејствуваше како своевиден агит-проп механизам на оваа мизерна и, веќе во стартот, пропадната псевдореволуција, во која, каков апсурд, главните инспиратори и корифеи се токму транзициските богаташи, кои на прилично сомнителен начин ги стекнаа своите богатства, додека во хаосот што владееше во регионот тие ја злоупотребуваа власта со која менаџираа во тој ужасен период за македонскиот народ.

Оваа лукративна камарила, која сега повторно сака да го дограби кормилото на власта за нови инпути на богатство при нивните дубиозни потфати, станува дополнително сомнителна при манифестирањето на нивната манијакална опсесивност за здобивање со политичка моќ во државава, а при тоа не нуди никакви визии и проекти, кои би внеле некакви перспективи за потенцијалните гласачи. Напротив, тие сакаат да ја зграпчат власта насилно и без проверка пред електоратот, што е манифестација на еден неморален карактер без преседан во светот на демократијата.

Конечно, самиот лидер на оваа псевдореволуција со бекатон плочки и со асистенција на терористички групи, инволвирани во процесот со цел – дестабилизација, создавање хаос, повик на интервенционизам и воспоставување на драконски колонијален статус на Република Македонија, е и самиот ин флагранти фатен и снимен во криминална корупциска афера. Тогаш, со кој образ тој збори за слобода и правда?

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top