Ансамблот „КонТемпора“ отпатува за Белгија, каде на 26. и 27. мај ќе одржи концерти со македонска музика во Монс (европскиот град на културата оваа година) и Лијеж. Ансамблот ќе изведе композиции од Трандафиловски, Андовска, Димушевски, Симуноска, Велковска-Трајановска, Шахов, Андреевска и Петровски.
Покрај концертите, проф. Јана Андреевска ќе одржи две предавања на Кралските конзерваториуми во истите градови. Како дел од нејзините предавања белгиското дуо Жан-Лук Фафшампс и Жан-Филип Колард-Невед ќе ја презентираат нејзината композиција „2.2.4 – 4.4.2“.
Ансамблот КонТемпора е формиран во 2014 од Сојузот на композиторите на Македонија – СОКОМ. Сочинет од 20 истакнати македонски музичари, ансамблот веќе остварува динамична концертна агенда на кои претставуваат нови дела од домашни и странски композитори, како и неколку студиски снимања за меѓународни продуцентски куќи.
Проектот е помогнат од Министерството за култура на Република Македонија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.