Келерабата е сезонски зеленчук, кој ако не се произведува во пластеници или стакленици, за разлика од другиот зеленчук, го има релативно кус период на пазарот.
Постојат повеќе видови келераби, a на нашиот пазар се нуди келераба со бледозелена кора и келераба со кора со виолетова боја. Келерабата може да биде ситна или мошне крупна, со тежина до неколку килограми. Највкусни келераби се тие што се сочни и не се „дрвенести“.
Според искуствата на тие што редовно ја користат келерабата, келерабата со кора со виолетова боја е посочна во однос на таа со кора со бледозелена боја. Таа е крцкава и сочна , а нејзиниот вкус асоцира на тој на кочанот од зелката. За исхрана се користат здебеленото сочно стебло од келерабата и листовите додека се млади.
Келерабата е билка што има многу предности и таа е исклучително хранлива. Поради големото количество вода, 100 грама исчистена и консумирана келераба ослободува во организмот само 22 килокалории. Од хранливите состојки келерабата содржи најмногу јаглени хидрати (4,5 отсто), малку белковини (1,9 отсто) и многу малку масти (0,1 отсто). Растителните влакна што ги содржи на организмот му овозможуваат оптимална перисталтика. Од заштитните состојки се присутни минерални материи, од кои најмногу калциум. Келерабата содржи и железо, бакар, манган, хром, никел и бариум. Од витамините најмногу е присутен витаминот Ц, бета-каротинот (провитамин А) и витамини од Б-групата. Келерабата содржи и органска јаболкова киселина.
Бидејќи поголеми количества келераба може да ја надразнат слузокожата, не се препорачува да ја консумираат луѓе со хроничен гастритис, чир на желудникот и на дванаесетпрсното црево, како и кај луѓе што имаат воспалителни процеси во уринарниот тракт. Келерабата се препорачува да се консумира додека е млада бидејќи тогаш е и најсочна. Таа најчесто се консумира во свежа состојба како салата, но може и термички да се обработи и да биде составен дел од чорбите од зеленчук.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Агенција за финансиска поддршка на земјоделството: Ако не ги искористевме парите ќе ни беа одземени од ЕУ
-
Праските скапуваат, министерот се весели: Николовски глув за проблемите на земјоделците, прв за виолина на уво (ФОТО)
-
Министерство за земјоделство: Субвенциите се исплаќаат редовно и целосно
-
УХМР: Временските услови погодни за земјоделски активности