Со изведба на претставата „Ѕвонарот на Богородичната црква во Париз“ во режија на Лилија Абаџиева на театарот „Софија“ од Софија, на 27 мај ќе биде отворено второто издание на Меѓународниот театарски фестивал МНТ-Фест.
Абаџиева и е позната на македонската публика по режијата на претставата „Ромео и Јулија“ која беше поставена во МНТ пред неколку години.
„Ѕвонарот на Богородичната црква во Париз“ е масивна престава, со многу актери, голема и привлечна сцена во која Абаџиева приказната на Виктор Иго ја раскажува во два часа и 20 минути.
Освен од Бугарија, на вториот МНТ-Фест ќе има гости и од Унгарија, Србија Црна Гора, Турицја и Грузија. Директорот на МНТ, Дејан Лилиќ упати отворен повик до сите млади автори и независни продукции да понудат свои проекти на Фестивалот кои би можеле да се играат и да се постават на сцената на оваа национална установа.
Годинешниот Фестивал ќе трае до 3 јули, но тоа не значи дека секој ден на репертоарот ќе има гостување на некој театар. Освен претстави, Лилиќ најави и работилници, предавања, изложби.
Во рамки на МНТ-Фест на 2 јуни Националниот театар од Будимпешта ќе настапи со претставата „Сон на летната ноќ“ од Вилијам Шекспир, во режија на Давид Доиашвили, на 5 јуни Народно позориште Белград ќе настапи со претставата „Бело кафе“ од Александар Поповиќ, во режија на Милан Нешковиќ, на 6 јуни преку Фестивал ФИАТ од Подгорица гостува претставата „Три сестри“ од Антон Павлович, а во адаптација и режија на Ана Вукотиќ и Слободан Милатовиќ, а на 8 јуни Турскиот државен театар од Истанбул ќе настапи во претставата „Кога ова би било филм“ од авторот Алмир Имширевиќ, а во режија на Билге Емин.
Лилиќ дека на 20 јуни ќе има една многу интересна копродукција меѓу Националниот театар од Модена и Националниот театар од Тбилиси, Грузија, а тоа е претставата „Дневникот на еден лудак“ од Николај Васиљевич Гогољ, во режија на Леван Цуладзе.
– Во рамки на МНТ-Фест ќе има отворени два дена за младите автори и за независните проекти од Македонија. Сите заинтересирани може да се пријават во МНТ на 27 и 28 јуни. Ако треба ќе направиме и еден голем маратон – изјави Лилиќ.
За годинешниот Фестивал Лилиќ најави и два разговори со Лилија Абаџиева на 27 мај во 12 часот на тема „Мојот театар“ и со режисерот и директорот на Националниот театар од Будимпешта, Атила Видњански.
Ќе се одржат и две работилници отворени за актери, режисери, музичари, сценографи, костимографи и за сите љубители на театарот, едната со Горан Трајковски на тема „Музиката во театарската претстава“, а другата со сценографот Валентин Светозарев на тема „Создавање на театарски светови“.
– Ќе има многу интересен разговор со драматургот на Националниот театар од Будимпешта, Ермес Веребеш на тема „Националниот театар во Европа“. Тоа е многу актуелна тема сега во Западна Европа. Ќе има изложба на театарски плакати на Сергеј Светозарев. Во рамки на фестивалот ќе имаме и наша програма што значи ќе имаме наши претстави кои ќе ги играме. Ќе се обидеме да донесеме уште некои претстави од другите театри од Македонија – рече Лилиќ.
Билетите за претставите ќе бидат пуштени во продажба од денеска и чинат 200 денари.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.