| четврток, 6 декември 2018 |

Народот дава сила, не амбасадорите

nenad mircevski2

Ненад Мирчевски

1.
Ликот на Заев е веќе истрошен во сценариото за насилно уривање на власта, па поради тоа режисерите беа принудени да внесат нови ликови за да не пропадне драмoлетката. Каква ќе биде судбината на вазалот Заев? Сигурно не таква каква што му ветиле пред да го ангажираат во филмот.

2.
Терористите требаше да нѐ потсетат дека мрачните сили во секое време можат да ги разбудат духовите на војната, а сонот за Голема Албанија да стане јаве. Дали пораката што требаше да ја испорачаат е „бидете умни и послушни за да ги држиме кучињата на синџир“?

3.
Не успеаја и во тоа, па ги активираа дипломатите. Малку бил еден, собрале шест амбасадори за да го засилат Заев во налетот за насилно менување на власта, која, патем, е избрана од речиси 500.000 граѓани. Невидено во демократскиот свет, но, за жал, во нашата историја сме сведоци на куп вакви уникатности што ни ги продаваат како „нормални“ и „демократски“.

4.
Дипломатите не донесоа народ на улиците, а откако опозицијата доживеа фијаско, кучињата на Заев почнаа да лаат против митингот на ВМРО-ДПМНЕ – никаде во свет не се правеле контрамитинзи за поддршка на власта. Според нивната логика, огромното мнозинство граѓани нема право да излезе на улица и да се спротивстави на уништувачкото сценарио што го спроведува малцинската опозиција. Разбирливо е зошто толку врескаат, како инаку ќе ја продаваат приказната дека „народот бара оставка“? Во исто време, истите тие опозициски мегафони заборавија да споменат дека никаде во светот опозицијата не го прави ова што го прави Заев во Македонија. Нивните забелешки би биле сосема во ред ако СДСМ имаше поддршка колку ВМРО-ДПМНЕ, а владејачката партија одбиваше да распише избори и инсистираше да остане на власт по секоја цена.

5.
Странските центри на моќ направиле пеколно сценарио за да си ги реализираат своите цели, а не за да ја демократизираат државата. Само, во математиката го превиделе големото мнозинство граѓани што се свесни за нивната цел. Ја потцениле и уникатноста на македонскиот народ – со поголем притисок не можеш да го уплашиш или да го скршиш Македонецот, можеш само да го изреволтираш за да даде уште поголем отпор.

6.
По којзнае кој пат се потврди тврдењето дека за оваа гарнитура опозициски политичари не постои „формула“ со која ќе ја повратат наклонетоста на граѓаните. Фрустрациите се кренаа до небо, а со тоа следуваа и нови продолженија на навреди кон народот. Но, штом толку време не можат да ги доведат „овците“ во своето трло, тогаш има некој проблем со овчариве во опозицијата. Со ваков однос нема да победат на избори ни во наредните девет години па дури и да им остават сами да си го прочистуваат избирачкиот список.

7.
Неколку борци за „слободни и професионални медиуми“ застанаа на сцената на опозицискиот митинг, рамо до рамо со Заев и со Милчин. Ниеден од самопрогласените „независни“ новинари не го осудија нивниот чин. Многумина од нив и ги поддржаа. Не ги осудија ниту гнасните лаги и невистини што ги објавуваа опозициските медиуми и активисти дури и во најтешките моменти за државата за време на акцијата во Куманово, а кои лесно можеа да предизвикаат етнички судири од сериозни размери. Сите тие „професионалци“ јавно признаваат дека работат на уривање на оваа власт по секоја цена. Ова се реформите во медиумите што ги нуди Заев? Ова е иднината што ни ја ветува опозицијата?

8.
Видоа дека не можат да се дограбат до власт ниту со насилно сценарио, сега зборуваат за „две Македонии“ надевајќи се дека еден дел ќе им припадне ним за таму на раат да си владеат. Уште еднаш, за да им биде јасно: Има само една Македонија, а неа ја раководи таа партија што ќе ја добие довербата од граѓаните на избори. Народот ја дава силата, а не амбасадорите.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top