Сираба Дембеле е најновото засилување на женскиот ракометен клуб Вардар, а 27-годишната девојка ќе го дополни францускиот шарм во екипата. Пред неа голманката Амандин Лејно, која, исто така, е репрезентативка на Франција, се пресели во Скопје, во редовите на ЖРК Вардар. Дембеле доаѓа од данскиот тим Рандерс, а потпиша едногодишен договор, со можност за продолжен престој во редовите на „црвено-црните“.
– Сакам да играм во тим што ќе биде конкурентен во Лигата на шампионите и тоа е основниот мотив за моето доаѓање во Вардар. Ќе биде прекрасно да се игра во тим што има квалитет да биде меѓу најдобрите четири екипи во Европа – рече Дембеле, во изјава за официјалната веб-страница на ЖРК Вардар.
Таа има настапувано за три француски клуба, а во Македонија доаѓа од дански Рандерс. Има 154 натпревари за Франција и две сребра од светските првенства. Во Кина пред 4 години и на следното СП во Бразил со „триколорките“ го освои второто место. Дембеле беше во составот и на последното Европско првенство во Србија кога Франција го освои 9. место.
Вардар прави дрим-тим и купи неколку наши репрезентативки, меѓу кои Билјана Црвенковска и Драгана Пецевска, а од интернационалките најзвучни имиња се Андреа Лекиќ и Јованка Радичевиќ, кои ќе играат за Вардар од идната сезона. Се најавува ангажман и на Хрватката Зебиќ и на Хмирова од Русија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.