И покрај намалувањето на судиите во судовите во земјата, лани се зголемил бројот на решени судски предмети, истакна денеска претседателот на Судскиот совет на РМ Бранко Ушковски, презентирајќи го Годишниот извештај пред членовите на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците.
Во 2014 година како заостанати биле затекнати 183.174 предмети, примени се нови 497.368 предмети во сите судови, а решени биле 536.985 предмети. За решавање останале 143.557 предмети.
Во 2014 година избрани се тројца судии во Основниот суд Скопје 1 Скопје и 73 поротници од кои 49 за судовите во Скопје. Граѓаните поднеле пет барања за несовесно и нестручно постапување на судии, а Судскиот совет разрешил четири судии и тоа двајца од Радовиш, и по еден од Кочани и Скопје, додека за еден е запрена постапката, но тој побарал да биде разрешен.
Речиси сто отсто од судиите се позитивно оценети. Само 2, 06 од судиите задоволува. Поднесени бил 1.461 претставка или 200 помалку од 2013. Според Ушковски, исто така се намалува и бројот на претставки поднесени од граѓаните. Не соопшти на што се однесувале овие претставки.
Претседателот на Судскиот совет пред пратениците рече дека лани се реализирани 100 вработувања и тоа 42 по објавени огласи за вработување, 41 се преземени од Македонски шуми и 17 од Секретаријатот за спроведување на Рамковниот договор.
Пратениците ја поздравија зголемената ефикасност на судовите имајќи предвид дека се намалува бројот на судиите.
Изнесени се забелешки за правичната застапеност на етничките заедници во судовите. Ушковски рече дека тој се залагал оваа година да биде подобрена состојбата на тој план.
Рафиз Алити и Кенан Хасипи имаа забелешки за содржината на Извештајот, којшто според нив, содржи само статистички податоци и не може да се добие комплетна слика за судскиот систем.
На дневен ред на Комисијата беше и Годишниот извештај на јавното обвинителство. Минатата година биле вработени 14 јавни обвинители, а има потреба од 100 јавни обвинители, истакна претседателот на Совет за јавни обвинители Петар Аневски. До Советот биле поднесени 154 претставки, од нив 148 случаи за отфрлање на кривични пријави или неоправдано поднесено обвинение, но не била донесена одлука за нестручно работење на обвинител.
Пратениците ги дадоа на натамошно читање измените и дополнувањата на законите за управување со конфискуван имот, имотна корист и одземени предмети во кривична и прекршочна постапка и за спречување на корупцијата, двата во прво читање.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.